Home Актуелно Твитер блокира новинари кои пишуваат за Илон Маск

Твитер блокира новинари кои пишуваат за Илон Маск

Социјалната платформа Твитер ги исклучи профилите на неколку познати новинари кои ја следат работата на новиот сопственик на компанијата Илон Маск.

Се работи за новинари на Њујорк Тајмс, Си-Ен-Ен и Вашингтон Пост, а нивните профили биле блокирани синоќа.

Портпаролот на Твитер за вебсајтот „Верџ“ изјавил дека забраната била поврзана со пренесување на податоци за локација во живо. Ова доаѓа еден ден откако Твитер го забрани профилот кој го следеше приватниот авион на Маск, додека мултимилијардерот најави дека ќе го тужи сопственикот на овој профил.

Листата на суспендирани профили исто така вклучува и новинари од „Интерсепт“, „Мешабл“ и независните новинари Арон Рупар и Тони Вебстер.

Портпаролот на Њујорк Тајмс овие суспензии ги нарече „сомнителни и несреќни“ и посочи дека ниту медиумот ниту нивниот новинар Рајан Мак добиле било какво известување за ваквиот потег.

Од Си-Ен-Ен овој чекор го нарекоа „импулсивна и неправедна суспензија на многу новинари“ и дека тоа е „загрижувачки, но не и изненадувачки“. Тие побарале објаснување од Твитер за суспензијата и навеле дека според нивниот одговор тие ќе го реевалуираат односот со социјалната мрежа.

Маск на Твитер сподели дека сите профили вклучени во следење на локациите на движење, кои се однесуваат на приватни информации за луѓе онлајн добиле привремена суспензија од седум дена.

„Критикувајте ме цело време и тоа е ок, но следење на мојата локација во живо и загрозување на моето семејство не е во ред“, напиша Маск како одговор на суспензиите.

Пред два дена профилот @ElonJet, кој има повеќе од половина милион следбеници беше суспендиран од социјалната мрежа. Сопственикот на профилот, 20-годишниот Џек Свини, користеше јавно достапни информации за следење на движењето на авионите и испраќаше автоматизиран твит секој пат кога Маск полетува или слетува на некоја локација. Маск долго време имаше поплаки поради профилот и во една прилика директно му понудил 5.000 долари на Свини за да го избрише.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…