Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Турскиот парламент усвои закон со наводна цел да се бори против лажните вести и дезинформациите. Критикуваниот член 29 кој е дел од овој контроверзен закон предвидува затворска казна за ширење дезинформации.
Најконтроверзната одредба, членот 29, предвидува казна затвор до три години за ширење информации кои се „спротивни на вистината“ за безбедноста, јавниот ред и здравје на Турција и кои наводно имаат за цел да предизвикаат загриженост и паника кај јавноста. Опозицијата смета дека законот има за цел да ги замолчи критичарите на владата пред претседателските и парламентарните избори закажани за јуни. Критичарите предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина за која владата смета дека е лажна.
„Оние кои ќе кажат „Имаме сиромаштија“ ќе одат во затвор. Тие што ќе кажат „Имаме корупција“ ќе одат во затвор“, рече Енгин Алтај од главната опозициска Републиканска народна партија.
Законот од 40 членови беше одобрен со гласовите на владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган и нејзините сојузници, кои заедно имаат мнозинство во парламентот. Гласањето следеше по бурните седници во парламентот, каде пратениците од опозицијата ја прекинаа расправата и го осудија, како што велат, законот за цензура. Ердоган се залагаше за законот, велејќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам“ се закана за националната и глобалната безбедност.