Туристичката сезона во Грција оваа година официјално започнува од 1. март


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Грчкиот министер за туризам Василис Кикилијас најави дека туристичката сезона во Грција годинава официјално ќе започне во март, порано од претходните години.

2020 година беше најлошата во историјата на грчкиот туризам, бидејќи пандемијата го запре глобалното патување, па Грција ја посетија само седум милиони посетители, а туризмот оствари само четири милијарди евра приход, потсетува Ројтерс.

Туристичкиот сектор сочинува една петтина од бруто домашниот производ (БДП) на Грција и го вработува секој петти работник во Грција. Минатата година почна да закрепнува, а туристичката сезона, која официјално започна во мај, на Грција ѝ донесе вкупно околу 10,5 милијарди евра приход.

Но, тие приходи се сепак значително помали отколку во рекордната предпандемиска година, со 33 милиони гости и приходи од 18 милијарди евра.

„Грчкиот туризам доживува голема побарувачка и динамика оваа година. Големите тур-оператори, големите авиокомпании сакаат да ја продолжат сезоната (од март до декември)“, изјави за Ројтерс министерот за туризам Василис Кикилијас. Има силни индиции дека претстојната туристичка сезона ќе биде добра, тврди тој.

Пораниот почеток на сезоната значи дека хотелите што се затвораат во текот на зимските месеци можат да се отворат, а тур-операторите да почнат порано да носат гости.

Кикилијас, кој беше министер за здравство во екот на пандемијата, одби да даде прогноза за оваа година, велејќи само дека ќе биде подобра од 2021 година. Грција минатата година оствари малку повеќе приходи отколку што целела, што министерот го наведe како „позитивен знак за оптимизам“.

Грција веќе ги олесни ограничувањата за патување, воведени во борбата против ширењето на заразата со коронавирус, а на целосно вакцинираните гости повеќе не им треба негативен тест за влез. „Од денеска Грција е отворена за сите гости, иако вистинската, летна сезона официјално започнува на 1 март годинава“, рече Кикилијас.

Како и поголемиот дел од Европа, и Грција забележа нагло зголемување на бројот на заразени во јануари, поттикнатo од омикрон, но бројките паѓаат и побарувачката за патувања постои, рече министерот.

„По големата светска здравствена криза, луѓето обично сакаат да патуваат, да уживаат во одмор, да трошат пари и мислам дека Грција е во најдобра позиција“, рече Кикилијас. „Точно, пандемијата сè уште не е завршена, но имаме алатки за борба против неа – вакцини, нови лекови“, заклучи грчкиот министер во интервју за Ројтерс.

Во кварталниот преглед на економската ситуација минатиот месец, Институтот ИОБЕ предвиде дека туризмот ќе ѝ помогне на грчката економија да порасне за 4,5 до пет проценти оваа година. Приходите од туризмот треба да достигнат ниво од 80 до 90 отсто од рекордната 2019 година, предвидува ИОБЕ.