„Црвениот поет“ – серија за Кочо Рацин која е скандал веќе 6 години кај нас


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска после првиот дел од филмот посветен на големиот Рацин – „Црвениот поет” стана и ја напушти салата на велешкиот театар, пренесуваат на социјалните мрежи од партијата Левица.

„За денес беше предвидено да се емитуваат 3 од вкупно 10 епизоди од филмот кој 7 години имаше забрана за емитување, а таа после првата си замина! Болно е да се гледа вистината, министерке“ – напиша на Фејсбук советникот од Левица Димитар Абрашев.

Тој ја повика министерката за култура да одговори зошто ја напуштила проекцијата на мини-серијата „Црвениот поет“ чие емитување неколку години по ред беше одложувано.

Серијата заврши со снимање во 2016 година. Во јавноста се шпекулира дека во серијата Рацин не е претставен само како вљубен поет, туку се обрнува големо внимание на неговите револуционерни идеи и активности во тогашното комунистичко движење, што веројатно е главната причина поради која „Црвениот поет“ ја чека својата промоција уште од 2016 година.

Во серијата главниот лик на Коста Солев Рацин го игра актерот Александар Ристоски.

Рацин беше убиен на денешен ден, во 1943 година, на пат кон партизанската база на планината Лопушник, близу Кичево. Тој е еден од основоположниците на современата македонска поезија и литература.

Неговото убиство останува мистерија и по 80 години.

Според една верзија, вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесеттина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.

Според едни тврдења, Кочо Рацин е намерно убиен поради неговата про-македонска линија која отстапувала од плановите на Комунистичката партија на Југославија. Според некои наводи, Страхил Гигов политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство, а сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со Добривое Радосавлевиќ, како и податокот според кој на Рацин му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.

Рацин припаѓа на генерацијата македонска интелигенција созреана помеѓу двете светски војни, онаа која застана во одбрана на националните и социјалните права на Македонците за време на втората светска војна. Бил член на Комунистичката партија од која бил исклучен бидејќи не сакал да напише статија против Мирослав Крлежа и неговите соработници од списанието „Печат“.

Неговите „Бели мугри“ одекнаа низ тогашната Југославија, а денес се проведени на многу светски јазици.