Црвен аларм: Вулканот Агунг повторно ќе „рока“ на Бали?


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Црвен аларм на индонезискиот туристички остров Бали. По повеќе од половина век мирување, вулканот Агунг се заканува со ерупција. Дебел облак од чад и пепел со илјадници метри височина „виси“ над познатата туристичка дестинација.

„Нашите проценки се дека вулканот е спремен за ерупција, може да се случи случи секој момент“, вели Гаде Суантика – Центарот за вулканологија во Бали.

Над 24 илјади лица беа евакуирани откако вулканот прв пат даде знаци на активирање.

„Не сакам да заминам. Сакам да останам дома, не сакам да се делам од моето семејство. Нема да можам да ги видам ниту моите внуци, сите се сместени во различни кампови“, вели жителка на Бали.

Пепелта, која од минатата недела почна да се испушта од небото по планината Агунг во источниот дел на Бали, достига повеќе од четири илјади метри височина.

Патишта, автомобили и згради на популарниот остров веќе се покриени со пепел. Главниот аеродром е затворен, а повеќе од 5 илјади летови до познатата туристичка дестинација се откажани.

Црвениот аларм е највисоко предупредување од Центарот за вулканологија, кој предупреди дека Агунг може да исфрла пепел и над 7 илјади метри во височина.

Вулканот во Бали последен пат се активира пред повеќе од 54 години, а во ерупцијата загинаа повеќе од 1 500 лица.