Home Актуелно Црвен аларм во здравството: Слободни места во болниците нема, недостасува и кадар – на помош се вклучува и АРМ

Црвен аларм во здравството: Слободни места во болниците нема, недостасува и кадар – на помош се вклучува и АРМ

Низ болниците ширум државава се хоспитализирани над 800 пациенти со Ковид 19. Првично предвидените болнички кревети во јавните и приватните здравствени установи се целосно исполнети. Поради ова нови оддели во болниците и клиниките стануваат Ковид Центри.

Се пополнува и Институтот за ТБЦ, а на интерните клиники обезбедени се дополнителни 150 места. Поради потребата од здравствен кадар министерството за здравство во допис до медицинскиот факултет бара да се мобилизираат сите специјализанти и државни и приватни без разлика која година и да се вклучат во лекувањето на заразените со коронавирус.

На ваквата наредба реагираат од Здружението на лекари специјализанти кои сами си го плаќаат доусовршувањето. Тие велат дека и за нив е предизвик во екот на најголемата пандемија да им помогнат на колегите, но револтирани се дека многумина од 250 доктори кои сами си ја плаќаат специјализацијата немале здравствено осигурување.

-Најголем дел од приватните специјализанти НЕМААТ ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ и ДЕЖУРСТВАТА НЕ ИМ СЕ ПЛАТЕНИ. Веќе имаме случаи на приватни специјализанти кои заболеле од Ковид-19 на своето работно место, па прегледите во јавното здравство морале да ги платат сами и одбивале хоспитализација поради тоа што не можеле да си ја дозволат, изјави за Сител д-р Александра Георгиева, претседател на ЗЛС.

Во меѓувреме иако министерот за здравство најави дека 56 интернисти од ПЗУ ќе се вклучат во справувањето со ковид кризата во државните болници, само 9 од нив доброволно се пријавиле да помогнат во лекувањето на пациентите со Ковид.

Од денеска во помош со кадар и опрема се вклучува и АРМ. Претседателот и Врховен командант Стево Пендаровски нареди и медицински лица од Армијата да се ангажираат во работата на здравствени установи. Војската ќе помага и во поставување шатори и друг вид сместувачки капацитети наменети за лекување на заболените лица.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…