Циркуз за народ: Мерко „го даде“ членството во партијата, но не и градоначалничката фотелја – ДУИ бара целосна истрага за него


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Од ДУИ повикуваат за целосна истрага во врска со случајот за Рамиз Мерко, а ги замрзнаа партиските функции на струшкиот градоначалник. По два дена молк, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи го соопшти партискиот став за првиот функционер од своите редови, кој се најде на црната листа на САД.

Но, Рамиз Мерко тешко дека ќе се откаже од градоначалничкото столче. Засега претседателот Али Ахмети успеал да го убеди да се повлече само од партиските функции. Овие информации стигнуваат од внатрепартиски извори упатени во актуелната состојба.

„САД се наш најголем стратешки партнер и нивните ставови не само што ги почитуваме, туку ги сметаме и за добронамерни. ДУИ има јасни ставови по однос на владеењето на правото, а таквите ставови се претворени во формални одлуки“, кажа Османи.

ДУИ проговори, Мерко сè уште молчи, а премиерот Ковачевски без да побара директна оставка, се стави во улога на функионер кој станал неподобен за САД.

„Јас да се најдам на листата, ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична, професионална кариера“, потенцираше Димитар Ковачевски, претседател на Влада.

Ковачевски се обиде и дел од вината да и`ја припише на опозицијата, бидејќи Мерко управувал со Струга и во време на ВМРО-ДПМНЕ. И во овој случај, очекувано влезе во клинч со неговиот главен политички опонент, Мицкоски.

Опозицискиот лидер пак без коментар за приодот во кој неговата партија била на иста страна со струшкиот градоначаник. Се фокусираше на обвинувањето дека Ковачевски брани криминал.

„Не можеме при очи слепи да се правиме и при уши глуви. Тоа што го прави најкриминалната и најкорупмирана влада во Европа сите ни го чувствуваме, ова што пристигна од Стејт Департментот е само потврда на тоа што ние го чувствуваме. Градоначалник и дел на највисокото раководството на ДУИ е ставен на таа црна листа, поради тоа што, тие имаат докази, барем јас така го сфатив соопштението во јавноста, дека има голем криминал поззди него. Единствен кој го брани Рамиз Мерко е Димитар Ковачевски, дури и самата ДУИ молчи“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е првиот функционер од ДУИ кој се најде на црната листа на САД – корупција и мешање во судски процеси се клучните причини поради кои Стејт департментот му забрани влез во Соединетите Американски Држави. На „црната листа“ се најдоа и неговата сопруга и трите полнолетни деца.