Ципрас решен да оди до крај за Преспанскиот договор


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Како што нашите соседи не се откажаа и не се повлекоа од Преспанскиот договор за решавање на спорот за името, така и ние нема да се повлечеме од него“, тврди грчкиот премиер Алексис Ципрас и по повлекувањето на Панос Каменос од коалициската грчка влада.

Говорејќи на конференција посветена на Договорот од Преспа, Ципрас му честиташе на неговиот македонски колега Зоран Заев, и рече дека со договорот, Грција се ослободила од логиката на национализмот и квазипатриотизмот за едно толку критично национално прашање, а „истото беше направено и од другата страна на границата“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Истото го постигна и Зоран Заев со неговата Влада, запечатувајќи го целиот обид со храбрата уставна ревизија преку која се обезбедува долгорочноста на овој договор. Дозволете ми да му честитам од овде, бидејќи е прв пат што говорам по позитивното завршување на процесот во Скопје. Дозволете ми да му честитам на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за куражот, за храброста што ги покажа од почетокот до крајот на овој процес. Да му честитам бидејќи не се повлече пред националистичките протести на омраза кои таму ги организираше ВМРО, партнерот на Нова демократија во Европската народна партија, што инвестираше во насилство и во провокација на политичка аномалија обидувајќи се да го поништи овој историски обид, рече грчкиот премиер.

Алексис Ципрас ја искористи можноста да упати порака до Грците дека нема да се повлече.

-Сакам да пренесам и една порака до грчките граѓани, а особено до секој грчки граѓанин што слободно размислува, независно на неговите политички убедувања. Како што таму не се повлекоа, ниту ние ќе се повлечеме. И ова го кажувам бидејќи со слични планови за политичка дестабилизација се соочувавме и се соочуваме и овде, во нашата земја и тоа од прв момент, порача Ципрас, споменувајќи ги проблемите со кои требаше да се справи Грција, како говорот на омраза, злоупотребата на учениците, но и последниот случај со објавувањето на лични податоци на пратеници кои што го поддржуваат Договорот од Преспа.

Алексис Ципрас има шест пратеници надвор од неговата Сириза кои ќе му обезбедат апсоутно мнозинство во грчкиот парамент во гласањето на доверба на владата која ја предводи. Ципрас самиот го побара ова, откако неговиот коалиционен партнер Каменос, поднесе оставка како министер за одбрана заедно со својот заменик. Се очекува гласањето на доверба во среда, а можно е тоа да биде и утре.

Досега експлицитно е поддржан од шест пратеници од различни партиски партии, покрај оние 145 на Сиризи. На тој начин Ципрас ќе има најмалку 151 и ќе може целосно да се посвети и на ратификацијата на Преспанскиот договор, откако беа изгласани уставните измени во македонското Собрание.

Според информациите, листата ја сочинуваат четворицата пратеници од „Независни Грци“, кои му откажаа послушност на својот партиски идер Каменос и тоа – Василис Кокалис, Елена Кунтура, Танасис Папакристопулос, Костас Зурарис, како и независната пратеничка Катерина Папакоста и пратеникот од „Река“ Спирос Данелис.

„Катимерини“ во вчерашниот коментар веќе објави дека овој потег на Каменос е негов последен обид да опстане на политичка сцена и да ги задржи шансите повторно неговата партија да обезбеди пратенички места на следните параментарни избори кои се ближат. Со оставката, Каменос само се додворува кај својот десноориентиран електорат.

Инаку, министерот за надворешни работи Никола Димитров наведе дека преку телефонски разговор со грчкиот заменик-министер Јоргос Катругалос добил уверување дека „се е под контрола“ кај грчката страна и дека Преспанскиот договор ќе го мине „парламентарниот филтер“. Катругалос го убедил дека владата останува посветена на гласањето за договорот.