Царовска со кривична за непознат сторител за скандалот во ПИОМ – денес почнува обештетувањето на осигуреници


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Скандалот кој изби во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување „тежок“ 19 милиони евра продолжува да ја тресе институцијата и јавноста.

Исни Јакупи, Беким Незири и актуелниот директор Шаип Зенељи се кадрите на ДУИ кои 10 години раководат со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што е од вчера е во центарот на скандалот со 12 илјади осигуреници кои останаа без пари во приватните пензиски фондови. Во времето на нивното директорување, овие осигуреници, иако плаќале придонеси за пензија, државниот ПИОМ ги задржал парите за себе, не им отворил сметки во приватните фондови и не им ги префрлал парите таму. Ниту еден од бившите директори на ДУИ не се огласи во јавноста, а одговор не даде ниту актуелниот директор Зенељи иако Телевизија 24 неколку пати се обиде да го контактира.

Фондот на ПИОМ преку соопштение се правда дека парите не ги префрлале поради тоа што нема одржлив систем за регистрација и водење евиденција за осигурениците. Признаваат дека парите ги трошеле за тековна исплата на пензиите.

Министерката за труд која го откри скандалот соопшти дека штетата што е направена е 19 милиони евра. Толку пари сега ќе се одвојат од цетралиот буџет за да се обештетат осигурениците. Приватите пензиски фондови Сава и КБ не знаеле дека државниот ПИОМ не им распределил 12 илјади осигуреници, ниту пак дека нивните пари останувале таму. Регулаторното тело МАПАС, кое ја контролира работата на приватните фондови до сега молчеше. Преку соопштение кажаа дека ја поддржуваат иницијативата на Министерството да се истражи случајот.

„МАПАС ја известува јавноста дека ќе ги информира членовите за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата кои ќе бидат пренесени на нивните индивидуални сметки, вклучувајќи и надоместок за ненавремена распределба.“ – велат од МАПАС.

Министерката изјави дека од денес почнува трансферот за обесштетување на дел од 12.000 пензионери на кои со години не им биле префрлувани средства во вториот пензиски столб.

Според неа, секој пензионер ќе биде обесштетен согласно неговите индивидуални уплати од работодавачот.

Царовска потнцира дека пензискиот систем денес е постабилен, како за сегашните, така и за идните пензионери.