Музика

Трогателната приказна зад спотот за песната Hurt во изведба на Џони Кеш

Џони Кеш, да беше жив, пред неколку дена ќе го прославеше 86-от роденден, а песната Hurt која изворно ја напишаа и отпеаја Nine Inch Nails, стана симбол на неговите последни години откако својски ја препеа како да била за него напишана.

Иако автор на песната е фронтменот на Nine Inch Nails, Трент Резнор, Hurt стана една од највпечатливите и најпрепознатливи преработки на сите времиња. А приказната зад нејзиниот спот од Џони Кеш навистина ги крши срцата.

Спотот го сними бившиот соработник на бендот, Марк Романек, кој сакаше да ги долови „есенцијалната младост на Кеш, како и неговите поодминати години“, пишува Unilad.

Кеш имаше 71 година кога Романек го сними спотот за Hurt, а уште тогаш се бореше со сериозни здравствени проблеми. Снимен е во домот на Кеш во кој Џони живееше 30 години, а во кој живееше и со својата втора сопруга, Џун Картер.

„Куќата беше затворена некое време и почна да пропаѓа. Тогаш добив идеја дека можеме да бидеме исклучително искрени за здравствената состојба на Кеш, како што тој секогаш беше искрен во своите песни“, изјави Романек во изјава за Дејв Урбански, автор на книгата The Man Comes Around: The Spiritual Journey of Johnny Cash.

Снимката, како и песната, е преглед на турбулентната кариера низ која Кеш стана еден од највпечатливите американски музичари и пејачи, но не само поради генијалноста, туку и поради приватниот живот, распаднатиот прв барк и борбата со зависностите.

Благодарение само на Џун Картер, Кеш успеа да ја оживее својата кариера, што е прикажано во биографскиот филм Walk The Line, во кој Кеш го игра Хоакин Феникс.

Преработката на Hurt од страна на Џони Кеш, исто така, говори и за загубата на Џун. Таа, всушност, учествуваше во снимањето на самиот спот за преработката (во две сцени до него гледа во својот сопруг) три месеци пред својата смрт, на 15 мај, 2003 година.

Кеш почина пет месеци подоцна, на 12 септември, 2003 година. Каверот на Hurt стана попопуларен од оригиналот, но Резнор на почетокот не го поддржувал. Сепак, што го погледнал спотот и изведбата на Кеш, станал голем фан на истата.

„Го пуштив спотот и WOW. Солзи, тишина и морници…WOW. Се чувствував како штотуку да сум ја загубил девојката, бидејќи песната веќе не е моја. Тоа навистина ме натера да размислам за тоа колку музиката е моќна како медиум и уметничка форма“, изјави тој.

„Напишав некои од зборовите и музиката во својата соба како начин да останам присебен, во депресивна и очајна состојба во која бев, целосно изолиран и сам. Некако тоа заврши со реинтерпретација на музичката легенда од радикално поинаков жанр/музичка ера, а сепак ги задржа искреноста и значењето – поинаку, но еднакво чисто“, додаде тој.

Во 2011 година, списанието Time ја вброи Hurt на листата на 30 најдобри спота на сите времиња. NME, пак, отиде чекор понатаму и спотот го прогласи за најдобар на сите времиња.

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top