Три предвреме родени близначиња починаа на скопска Гинекологија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Тројка предвремено родени бебиња починаа на Клиниката за гинекологија и акушерство, соопшти Министерството за здравство.

Според соопштението, пациентката И.М. била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство поради болки во абдоменот. Истиот ден е породена со царски рез во 27. недела со тројка по претходно прсната плодова обвивка и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород веднаш е извршено породување. Новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала. Спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на одделението за интензивна неонатална нега и терапија.

Со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано со цел да се објаснат состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт кај сите три бебиња.

Министерството за здравство веднаш по добивањето на информациите, формира комисија за стручен надзор, која детаљно ќе го испита случајот со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено во согласност со протоколите и медицината базирана на докази. Истовремено, комисија е формирана и од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.