Три години од „La petite guerre“ во кумановско Диво Насеље


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На денешен ден се одбележуваат три години од крвавиот воен инцидент кој на 9 и 10 мај 2015 година, се случи во кумановската населба „Диво насеље“, каде во сé уште нерасчистени околности, загинаа осум, а беа ранети триесет и седум (според некои информации, педесет) припадници на полициските единици.

Во дводневната престрелка наречена „малата војна“ (La petite guerre), животот го изгубија осум полицајци-припадници на специјалната единица „Тигар“, а беа убиени и 14 припадници на косовската група, и ранети најмалку 40 лица. Инцидентот се случи по четири месеци откако тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев започна со објавување на т.н. „бомби“. Тогашната опозиција обвинуваше дека нападот е обид да се дефокусира вниманието на јавноста од „бомбите“ кои ја демаскираат власта и од масовните протести во Скопје, додека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги обвини напаѓачите од Косово дека сакаат да ја дестабилизираат земјата. Два дена по крвавиот судир, оставки од функциите поднесоа тројца високи функционери кои важеа за најблиски до поранешниот премиер Никола Груевски: тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на УБК, Сашо Мијалков, и министерот за транспорт, Миле Јанакиески. Две години по крвавиот инцидент, 33 лица учесници во нападот кои обвинети за тероризам, добија затворски казни: 7 беа осудени на доживотна затворска казна, 13 лица на 40 години затвор, шестмина на 20 години, еден на 18, двајца на 14, двајца на 13 и двајца на 12 години затвор. Пресудата предизвика протести во Македонија и во Косово, а косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот сѐ уште не е стасан на второстепено одлучување. Како што објаснуваат од Основниот суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, пресудата се преведува на албански јазик, и набрзо предметот ќе биде доставен до Апелацискиот суд.

Еден ден по првостепената пресуда, лидерот на ДУИ, Али Ахмети на средба со шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија, Горазд Бартол, истака дека е „итна потребата да се спроведе меѓународна истрага за случајот во Куманово, да се разменат важни информации со Косово и Албанија, да се формира Анкетна комисија во Собранието, со цел целосно да расветли случајот, вклучувајќи ги мотивите и организаторите, без да се остават нејаснотии“.

Ништо од тоа досега не е реализирано.