Три дена до истекот на рокот за градоначалнички и советнички кандидатури


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Ниту една партиска градоначалничка кандидатура се уште не е поднесена до Државната изборна комисија, потврди портпаролката Љупка Гугучевска.

На три дена до истекот на рокот во кој политичките партии до ДИК треба да ги достават кандидатските листи за престојните локални избори и натаму без номинации за дел од општините.

Преку соопштенија или од штабовите партиите објавуваат по едно или две имиња, како и да е, списоците не им се финализирани. За едни причината за одолговлекувањето е во сериозните анализи што ги прават, вклучувајќи и анкети на терен, според други се тактизира поради внатрепартиски судири.

Најблиску до комплетна листа со кандидати се Социјалдемократите. Партијата која од претходно ги промовираше кандидатите за градоначалници на Скопје и општините во градот, ги обелодени и адутите со кои ќе тргнат во поход на преостанатите локални самоуправи ширум земјава.

По 12 години владеење на Зоран Дамјановски во Куманово, СДСМ за негов наследник одлучи да го канидидира пратеникот Максим Димитриевски, поранешен претседател на општинскиот совет и човек близок до Спасовски и Заев. Наспроти него ќе биде Зоран Ѓорѓиевски, кој донесе изненадувачко водство за ВМРО ДПМНЕ во првиот круг на претходните локални, за во вториот Дамјановски да се договори со албанските партии.

Претендент на власта за градоначалничка фотелја во Прилеп е директорот на градската болница Илија Јовановски, ќе има тешка задача да го победи актуелниот прв човек на општината Марјан Ристески од ВМРО ДПМНЕ кој може да се пофали со три последовни мандати.

Од преостанатите кандидати со кои официјално излезе СДСМ, Борјанчо Мицевски ќе се обиде да ја освои довербата во Крива Паланка, на беровци Ѕвонко Пеќевески, во Виница кандидат е Ивица Димитров, во Делчево Горан Трајковски, во Гевгелија Сашо Поцков, во Кавадарци Бетиан Китев, за Неготино Тони Делков.

Од ВМРО ДПМНЕ досега официјализираа 17 градоначалнички кандидатури, меѓу кои и оние за престолнината и општините во главниот град, а интересно е тоа што и двете најголеми македонски партии засега се воздржани во однос на општина Центар. Не можејќи да ја чека одлуката на коалициските партнери, актуелниот градоначалник Андреј Жерновски собра потписи и поднесе независна канидатура за една од најпосакуваните скопски фотелји. Тој е еден од 27-те независни кандидати во 22 општини.

Во меѓувреме, се помалку или повеќе јасно во албанскиот политички блок. Трката за општински татко на Струга пак ќе ја трча лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села. Министерот Таравари ќе се обиде да го детронизира актуелниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта од ДУИ, а кандидати на Алијансата се и Фарук Авдиу во Чаир, Аднан Незири во Тетово, Меџит Имери во Студеничани, Хисен Рамадани во Арачиново и Арбен Аголи за Дебар.

Актуелниот пратеник во македонското Собрание од редовите на ДПА Бардуљ Даути ќе биде кандидатот за градоначалник на Тетово, ДУИ веројатно ќе и верува на Теута Арифи, а претендент за прв човек на општината е и лидерот на Беса, Билал Касами. ДУИ ги номинираше и Висар Ганиу за Чаир, за Арачиново Исуф Бислими, за Липково Еркан Арифи. Движењето Беса во Чаир го кандидира Зеќирја Ибрахими, во Арачиново Али Исмаили, а во Липково Еркан Зендели. Трите партии се договорија да коалицираат во општина Гази Баба, а заеднички кандидат од претходно им е Фатмир Дехари во Кичево.

Се на се, старо нови имиња, актуелни и поранешни министри и пратеници се фаворитите на партиите за предводници на македонските општини, дел кои и по десетина изборни циклуси се мачат со предизвици