Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Според статистичките податоци во врска со состојбата на заразени од коронавирусот во Македонија до вчерашниот ден, црниот биланс е уште една, трета жртва како последица на симптомите од вирусот и 29 нови регистрирани заразени лица. Третиот починат пациент од коронавирус е 66-годишната дебарчанка која повеќе денови беше приклучена на апрати за дишење
Меѓу новозаразените се и петмина носители на вирусот кои биле во контакт со заболената поранешна директорка на Кожната клиника.
Владата синоќа уште еднаш ги заостри ограничувањата во полицискиот час, откако пред два дена со него дополнително ги ограничи младите до 18 години и лицата над 67 години. Од претстојниот викенд, полицискиот час ќе започнува во 16 часот, а ќе завршува во 5 часот наутро. Сите јавни и приватни компании кои работат за викенд ќе мора да ставаат клуч на врата во 15 часот.
Вкупно заразени во Северна Македонија се 177 лица од кои најголемиот дел се во Скопје, но случаи на Ковид-19 за првпат се евидентирани и во Прилеп и во Велес. Меѓу заразените од коронавирусот има припадници на МВР, а денеска се откриени и првите два случаи во Армијата.
Новина е и терапијата врз база на хлорокин и азитромицин која од денеска почнале да ја добиваат двајца пациенти, но останатите ќе почекаат додека не се направат дополнителни анализи.
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
„Потребно е да се направи кардиолошка анализа ЕКГ затоа што има таму и една контра индикација, значи не се дава на сите пациенти”, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој предупредува од опасноста граѓаните да се обидат на своја рака да ги набавуваат и користат овие лекови.
„Луѓето да не купуваат на своја рака или да се обидуваат да ги најдат лековите. Тие мора да се дадат според точна индикација на лекар специјалист“, рече Филипче.
Тројца пациенти кои се лекувале на Инфективната клиника во Скопје, во меѓувреме, се негативни на коронавирусот, и наскоро би можеле да се упатат на домашно лекување.
Од првите 30 тестирани лица кои биле во контакт со директорката на Кожната клиника, коронавирусот е откриен кај петмина. Но, според Филипче, сите се во добра состојба и немаат симптоми на болеста, па ќе останат и натаму во самоизолација. Во следните денови ќе се тестираат и останатите стотина лица, поделени во групи по 30.
Филипче оценува дека е добро што голем дел од заразените се откриваат во рана фаза и најчесто без симптоми, па тоа го олеснува и подготовката на соодветна терапија.