Транспорт и врски ги намалува цените на катастарските услуги за 50 насто


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Денеска во министерството за транспорт и врски се оддржа средба на која присуствуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев и преставници од Комората на приватни геодети.

На средбата се отворија прашањата за намалување на цената на услугите што ги нуди Агенцијата за катастар на недвижности како и враќање на дел од овластувањата на приватните геодетски фирми, при што министерот Сугарески даде уверување дека овие барања ќе бидат прифатени:

Во продолжение интегрален текст од изјавата на министерот Сугарески:

“Во изминатиов период во рамки на редовните средби со граѓаните, како надлежно министерство нотиравме одредени проблеми со кои граѓаните се соочуваат при остварувањето на нивните имотни права и користењето на некои услуги од нашиот ресор, и затоа на моја иницијатива денес остваривме исклучително важна работна средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности и со Комората на приватни геодети.

Ја користам приликата да ја информирам јавноста дека отворивме многу сериозни прашања за унапредување на геодетската политика и зголемување на ефикасноста и брзината на услугите што ќе биде во функција на квалитетно, навремено и ефикасно сервисирање на потребите на граѓаните и институциите.

Најавувам реализација на уште едно предизборно ветување на новата Влада, а тоа е намалување на цените на услугите кои се во надлежност на Агенцијата за катастар на недвижности до 50 %, што во пракса ќе значи дека граѓаните за истите ќе плаќаат значително помали цени од досегашните.

Врз основа на претходна анализа, заедно заклучивме дека постојат услови ова ветување да го реализираме без да го нарушиме финансирањето на Агенцијата за Катастар.

Дополнително, во функција на децентрализирање на услугите, а со тоа и зголемување на нивната достапност, што несомнено е во интерес на граѓаните и компаниите, денес се согласивме дека е неопходно да вратиме дел од овластувањата на приватните геодетски фирми. Имено, наместо Агенцијата за катастар да има ексклузивно право за вршење на теренски работи за потребите на единиците на локална самоуправа и институциите на централната власт, заради забрзување на услугите праксата покажува дека е потребно таквите права и овластувања да ги имаат и приватните геодетски фирми, кои ќе ги исполнат неопходните услови.

Впрочем, приватните геодетски фирми претходно имаа такви овластувања согласно Закон, но истите им беа одземени за сметка на Агенцијата за катастар. Ние сме убедени дека со ваквиот пристап ќе ја вратиме конкуренцијата што дополнително ќе го унапреди квалитетот на услугите. Се разбира, го отворивме и прашањето за утврдување на пазарна цена на услугите што ги нудат приватните геодетските фирми. Се согласивме долната граница на цената на услугите да остане регулирана како и досега, додека горната цена на услугите ќе биде регулирана во согласност со пазарните услови.

Разговаравме и за ублажување на казнената политика и воведување на мерката опомена. Превземавме обврска да направиме одредени анализи и во најкус можен рок да излеземе со конкретен предлог кој повеќе ќе се темели на превентивни мерки и политики отколку казни по секоја цена кои беа форсирани од претходната влада. Наша цел не е да бидеме страховлада туку да останеме сервис на граѓаните и мотор на економскиот развој.

Најавувам дека ваквите средби ќе станат редовна пракса бидејќи наша заедничка цел е унапредување на геодетската дејност во Република Македонија и нејзино прилагодување на потребите на граѓаните и институциите”, рече министерот Сугарески.