Трамп ги менува ставовите: Еве што мислеше за Путин пред да стане претседател на САД


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Додека американската и светската јавност се прашуваат колку длабоко оди поврзаноста на избраниот американски претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин и каков ќе биде односот меѓу двете земји, пред само неколку години американскиот милијардер беше далеку покритичен кон Русија.

Отсекогаш знаев дека (Путин) е многу паметен, напиша неодамна Трамп на Твитер, како пофалба за рускиот претседател и прикриена критика за актуелниот претседател Барак Обама за протерувањето на руските дипломати од Вашингтон.

Ако на Путин му се допаѓа Трамп, знаете што луѓе? Тоа е предност, не е лошо нешто, кажа тој на неодамнешна конференција за новинарите, на која се прослави со напад врз новинар на CNN за лажните вести за неговата поврзаност со Кремљ, односно сериозните обвинувања кои ги истражуваат американските разузнавачки служби.

Трамп до неодамна одбиваше да го признае и нивниот заклучок дека Русите со хакирање и кампања на дезинформации ја оцрниле неговата противкандидатка Хилари Клинтон и му помогнале да победи на изборите. Тој во војната со сопствените разузнавачки служби отиде дотаму што ги спореди со нацистичка Германија.

Па сепак, не така одамна Трамп зборуваше со многу поинаков тон за Русија. Уште во 2014 тој ја нарече најголем проблем на САД и се сложи со Мит Ромни, републиканскиот кандидат на изборите во 2012, кој Русија ја опиша како геополитички противник број 1.

Тој тогаш енергично ги поддржуваше американските санкции против Русија, додека сега е жестоко против нив. Дефинитивно треба да наметнеме санкции. И мора да покажеме некаква сила. Мислам, Путин го јаде ручекот на Обама, значи нашиот ручек, веќе некое време, кажа Трамп за NBC на 14 март 2014.

Причините за неговиот пресврт за 180 степени може само да се нагаѓаат. Но со оглед на неговата денешна реторика, неговите тогашни изјави за Фокс њуз на 24 март 2014 звучат просто неверојатно.

Тој (Ромни) кажа дека (Русија) е ѓаволски проблем, и сите му се смееја, вклучувајќи и одредени медиуми. Се смееја. Се покажа дека е сосема во право. Погледнете што прави Русија со Иран, како ја контролира ситуацијата, и Сирија, практично секое друго место, додека ние сме исфрлени од секаде. Не велам дека треба да бидеме таму. Треба повторно да ги изградиме нашите школи и мостови и патишта и сѐ останато. Но така да ни се смеат и да не фрлаат наоколу како што нѐ фрлаат, тоа е апсолутно незамисливо.