Трагедија во Тетово: Мајка и нејзините четири деца загинаа во пожар


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Нова семејна трагедија доаѓа од Тетово, откако четири детски животи и нивната мајка беа згаснати во пожарот кој го зафати нивниот дом.

Четири деца на возраст од 5 до 14 години и нивната мајка Фатима Зулбехари загинаа во пожарот што утринава го зафати нивниот дом на улицата Гоце Делчев во Тетово. Причината за пожарот се уште официјално не се знае, но има сомнежи дека може да биде предизвикан од парно-котел за греење. Пожарот првично почнал во вториот кат каде и спиеле жртвите, а потоа се проширил кон долниот кат и соседната куќа. Од првиот кат успеале да се спасат бабата и дедото на жртвите, додека во соседната куќа немало жители. Случајот кај пожарникарите бил пријавен во 04:15 минути, по што се интервенирало со 21 пожарникар и девет возила. Од противпожарната служба велат дека стигнале брзо.

„Веднаш излеговме со четири противпожарни возила и 13 пожарникари, но кога пристигнавме на местото на настанот беше ужас бидејќи сите куќи беа зафатени од оган и почнавме со работа за да ја завршиме нашата задача. Не дозволивме огнот да се прошири за да не се случи некоја уште поголема катастрофа, но за жал има жртви бидејќи куќите се многу стари.“ – изјави Ука Алити – началник на ППЕ Тетово

Иако пожарникарите велат дека стасале на време, роднините ги обвинија општинските власти за задоцне интервенција и со препреките со кои се соочиле пожарникарите поради паркираните автомобили и тесните улици во населбата.

„Се согласувам со пријателот дека се обидуваа да се пробијат низ овие работи, а вие во вашите канцеларии дозволувате да се уништи се. Доцнеа 15 или 20 минути доцнеа откако зема замав огнот, многу се 20 минути. За 20 минути гори цела куќа.“

„Како не е трагично, како не е трагичен настан… Поголема трагедијата нема, пожар со смртни последици. Пет години бил најмалиот, а 14 најголемиот.“

„Полошо нема никаде, но нема што да се прави Божја работа. Четири деца и нивната мајка, пет. Пет часа чекаат да дојдат од Скопје, дошле. Таткото на децата со инјекции седи таму, што да се прави.“ – велат жителите

„Ова е голема несреќа за нас како град, ќе се обидеме со сите можности да му помогнеме на семејството да ја надмине оваа болка што е можно поскоро.“ –изјави Теута Арифи, Градоначалничка на општина Тетово

Заменик-министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу изјави дека надлежните органи ќе се заложат случајот да се добие епилог.

„Тука сме за да дадеме поддршка за функционирањето на сите полициски служби, обвинителството и судската медицина со цел трагедијата да има точен епилог. Изразивме сочувство до семејството и подготвени сме заедно со општината и другите државни институции да застанеме зад оваа последица за семејството и населбата.“ – изјави Агим Нухиу – Заменик – министер за внатрешни работи

Обвинител од тетовското Обвинителство изврши увид на местото на настанот и се работи на негово расчистување. Безживотните тела на петте жртви, на пладне беа испратени во судска медицина на обдукција, а погребот, според членовите на семејството, се очекува да биде извршен утре. Инаку, таткото егзистенција за своето семејство обезбедувал како чувар. Покрај загубата на најблиските, тој останаа и без покрив над главата.