Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
10 лица загинаа, а 45 се повредени, од кои 15 се во тешка состојба во сообраќајната несреќа која се случи денес во Хрватска, во која косовски автобус излета од автопатот. Педесет и двегодишниот возач признал дека за момент заспал зад воланот, по што изгубил контрола врз автобусот.
„Возачот на автобусот е затекнат на местото на несреќата и во меѓувреме уапсен. Тој тврди дека за момент заспал во возењето, но околностите допрва ќе се утврдуваат“, изјави заменикот на општинскиот јавен обвинител Славко Прањиќ.
„Седнав во автобусот во Улм, тргнав дома на Косово затоа што подолго време поради коронавирусот не сум била дома. Автобусот беше полн, патувањето течеше мирно и добро“, ја започна својата исповед една од патничките во автобусот Гаши (50) која за среќа поминала без сериозни повреди.
Во автобусот кој утрово во 6.20 часот на автопатот кај Славонски излета од коловозт имало 69 луѓе, 67 патници и двајца возачи, најголем дел косовски државјани на работа во Германија кои од Франкфурт за Приштина патувале на летен одмор.
– Беше весело и во еден момент помислив дека е сè предобро и имав чувство дека нешто би можело да се случи, но мислев дека тоа е возбуда. Најголем дел од нас спиеја затоа што патувавме цела ноќ. И тогаш во еден момент се почна да чкрипи и да се крши, почнаа да паѓаат работи врз нас. Почнаа сите да врискаат, жените си ги довикуваа своите деца. Се превртевме и завршивме на страна. Јас не знам како излегов, само знам дека некој ме извлече. Набрзо околу нас дојдоа пожарникари, полиција и Итна помош. Не познавав никој од загинатите, се уште не ми е добро во главата. Сега чекаме што ќе решат со нас, а јас само сакам дома. Благодарност до сите кои ни помогнаа и ни помагаат – рече патничката Гаши која во Германија живее 24 години.
Таа и другите преживеани кои немаат повреди, но се шокирани се наоѓаат во близок пансион во Славонски брод. Успеале да се спасат, а со себе немаат ништо освен тоа што им било при рака. Единствена мисла им е како да стигнат до Косово и до своите семејства кои не ги виделе со месеци или години.
Сакаат ова што побрзо да го заборават, но помислата дека дури десет сопатници го загубиле животот во една секунда нема никогаш да им се избрише од сеќавањето.
Со тивок разговор меѓу себе се обидуваат да се утешат и да заборават на немилите сцени, а од шокот ниту можеле да јадат ниту да пијат. Не можеа да седат од мака, стоеја и гледаа во подот.
„Ова е голема болка, неиздржлива болка. Ќе ми недостасува, премногу, уште сега ми недостасуваш. Мило ми е што те прегрнав кога те однесов до автобусот и кога тргаше на пат, но тоа беше премалку“, објави Адхурим С., син на Насер С., возачот на автобусот кој е меѓу загинатите.
Министерот за здравство, Вили Берош изјави дека едно лице од 42 повредени патници било итно пренесено во Загреб поради повреда на карлицата. Од повредените, 15 биле тешко, од кои тројца завршиле на операција. Во несреќата учестувале и 15 малолетници од кои една девојка завршила со потешки повреди.
Поради несреќата претседателката на Косово, Вјоса Османи утре ќе прогласи ден на жалост.