Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Десетте најбогати луѓе од врвот на листата со светски богаташи го зголемиле вкупното богатство за 402 милијарди долари во 2021 година, покажуваат податоците на Блумберг.
Најмногу заработил Илон Маск. Годината ја започна со 156 и ја заврши со 277 милијарди долари на сметката, според индексот на милијардери на Блумберг. Основачот на Tesla и SpaceX неодамна соопшти дека ќе плати повеќе од 11 милијарди долари данок.
Зад него е Џеф Безос, сопственикот на Амазон, кој во 2022 година влезе со 190 милијарди долари. Тоа е „само” 4,5 милијарди повеќе од минатата година.
Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг минатата година заработи 25 милијарди долари, а сега има 128 милијарди долари.
Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, минатата година ја започна со 139, а ја заврши со 132 милијарди долари. Неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс, со која во август стави крај на 27-годишниот брак, наводно има 11,4 милијарди долари.
Ко-основачот на Гугл, Лери Пејџ во 2021 година влезе во клубот на луѓето кои имаат 12-цифрено богатство, додавајќи 47 милијарди долари на своите 83 милијарди долари. На таа листа се впиша и неговиот колега Сергеј Брин, кој заработи уште 45 милијарди долари, со што неговото богатство достигна 125 милијарди долари.
Во збогатувањето на американските милијардери се приклучи и Французинот Бернар Арно, сопственик на најголемата компанија во светот која тргува со луксузни производи. Заработил дополнителни 61 милијарда долари, а сега поседува вкупно 176 милијарди долари.
Арно е единствениот надвор од САД кој влезе на листата на милијардери на Блумберг за 2021 година.
Сите десет на таа листа поседуваат повеќе од 100 милијарди долари. Единаесетта на листата, исто така Французинка, е Франсоаз Бетенкур Мејерс, наследничка на империјата Лореал која има 94 милијарди долари и е најбогатата жена на светот.