Тој е најбрзиот човек на светот во трчање наназад – еве го рекордот кој го постави


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Арон Јодер е најбрзиот човек во трчање наназад. Рекордот го постави со изминати 1,6 километри за 5 минути и 54 секунди.

„Кога трчам наназад се чувствувам како да летам. Овој вид на трчање ми дава поинаква перспектива при преминувањето на патиштата и должината на остатокот од мојот пат“, вели Јодер.

Со трчање се занимава веќе 20 години и се натпреварувал во најразлични дисциплини на трчање. Како 20-годишник се натпреварувал за стипендија за колеџ, а потоа поради сериозна повреда на коленото речиси се откажал од својот сон.

„Лекарот ми рече да престанам да трчам, но не сакав да го сторам тоа. Знаев дека морам да направам промени“, раскажува Јодер.

Открива дека дисциплината трчање наназад, всушност, се вика „ретро трчање“ и додава дека истата има минимално или речиси никакво влијание врз неговото колено.

„Трчањето наназад одлично влијае на моето повредено колено, не чувствувам апсолутно ништо и поради тоа уживам во оваа необична дисциплина“, објаснува Арон.

Според студијата од 2011 година која ја објави Националниот центар за биотехнолошки информации, луѓето кои трчаат наназад користат многу повеќе мускули на нозете од оние кои се занимаваат со класичното трчање. Поради тоа, на тој начин може да согорите околу 30 насто повеќе енергија и калории ако наназад трчате со исто темпо како нормален тркач. New York Times пишува дека истражување направено во 2016 година покажало оти долгогодишните тркачи кои во период од пет недели нормалните тренинзи ги замениле со трчање наназад, станале 2,5 пати поефикасни при искористувањето на кислородот за време на вежбањето.

Интересно е што Јодер не е сам во оваа уникатна дисциплина. Тој открива дека постојат илјадници луѓе кои трчаат во овој стил и потсетува дека на последните светски натпреварувања во трчање наназад константно учествуваат повеќе од 20 земји кои ги претставуваат над 200 тркачи.