Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
На денешен ден, 26 февруари, пред точно една година, во Македонија беше регистриран првиот позитивен случај со коронавирус.
„Пациентката е позитивна за вирусот Ковид-19. Нема простор за паника. Епидемиолошките анализи укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија. Веќе две недели е болна и иницијално се третирала во Италија, но таму не била тестирана за коронавирус и директно се упатила кон Инфективната клиника во Скопје откако пристигнала. Не претставувала опасност да ја пренесе болеста“, изјави тогаш министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.
Се работеше за македонска државјанка која се врати болна од Италија- епицентарот на коронавирусот во Европа. Таа во меѓувреме се излечи и беше отпуштена од болница, но остана генералниот став дека првичните кластери на болеста во земјава се формираа од повратници од странство.
Државните установи ги донесоа првите позначајни мерки за превенција од ширењето на вирусот на 10 март, затворајќи ги сите образовни установи и забранувајќи ги јавните настани.
На 13 март поради големиот број на заразени и можноста за ширење на вирусот, беше прогласена кризна состојба во Дебар и Центар Жупа. Тие практично била ставени под карантин, со зголемено присуство на итните служби и со ангажирање на армијата.
По предлог на техничката влада, вечерта на 18 март од страна на претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата билеше воведена вонредна состојба на целата територија.
Пред неколку недели започна вакцинацијата во земјава, која претставува единствен спас за пандемијата.
Деновиве е забележан раст на бројот на починати и заразени поради појавата на британскиот сој на ковид 19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.