Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во понеделник, 25-ти март, точно на пладне, во музичката продавница Југотон во Скопје (ГТЦ, први кат), својот најнов албум Povratak prvoj ljubavi/ Return to the First Love, ќе го промовира легендарниот хрватски клавијатурист Тихомир Поп Асановиќ. Албумот, како двоен компакт-диск и двоен винил, е во издание на водечката дискографска куќа во регионот – Croatia Records, која по повеќе од четврт век се врати во Македонија.
Освен Кроација Рекордс, ова е своевидното враќањето и на самиот Тихомир Поп Асановиќ, кој инаку е роден во Скопје, кое што доаѓа по повеќе од четири децении солистичка дискографска пауза, бидејќи од легендарниот албум ПОП (1976) поминаа 43 години, а од култниот Мајко земјо (1974), цели 45.
Тихомир Поп Асановиќ, вљубеник во џезот, рокот и фанкот, почитуван е во целиот свет, а ние го паметиме како еден од најдобрите европски клавијатуристи. Тој е некогашен член на Тајм и Септембер, а беше дел и од Југословенска Поп Селекција. Со своите бравурозни изведби ги придружуваше големите имиња на регионалната сцена: Јосипа Лисац, Бошко Петровиќ, Про Арте…
Токму со најдобрите регионални музичарите Поп го сними и новиот албум, составен од хрватски и англиски песни, како и од ново македонско музичко богатство.
Тихомир Поп Асановиќ & Пријателите е името на бендот со кој работеше на сите песни, а освен Поп, тука се и пејачката: Сабрина Хебири, гитаристот Јани Модер, басистот Давор Чрнигој и тапанарот Давид Морган.
Како гости, на албумот се најдоа: Влатко Стефановски, Аки Рахимовски, Драги Јелиќ, Радомир Михајловиќ Точак, Ненад Чанак, Ведран Божиќ, Примож Грашич, Aмир Гвицман, Драго В., Јанез Бончина, Владо Јаневски (кој напиша и дел од текстовите), Каролина Гочева, Саша Антиќ, Тоне Туоро и Винко Михиќ. Како текстописец, хрватските текстови ги потпишува угледниот рок-критичар Златко Гал.
Албумот, во продукција на Душко Мандиќ, е снимен во студиото на Кроација Рекордс во Загреб и во RSL студио во Ново Место во Словенија. Прекрасната насловна страница на обвивката ја разубавува фотографија на синот на Поп – Милан Александар Асановиќ, додека ликовното обликување го работеше Иво Т. Монтина.
Од првиот сингл Femme Fatale, преку македонскиот бисер Лудо момче, Македонче, и новата верзија на извонредната песна од Септембер – Домовино моја, до прогресивното ремек-дело Express za Novi Sad, албумот Povratak prvoj ljubavi/ Return to the First Love, дефинитивно е едно од најдобрите музички изданија, кое последниве години е објавено на регионалната музичка сцена.
И, како што кажа познатиот хрватску музички новинар и публицист Хрвоје Хорват: Од сите враќања, на враќањето на Поп Асановиќ најдолго се чекаше. Од 1976-та…
И вредеше, бидејќи новиот албум Povratak prvoj ljubavi/ Return to the First Love, отпечатен и на винил и на компакт диск, како и претходните ПOП и Мајко земјо, реиздадени повторно на споменативе формати, се меѓу најпродаваните изданија во Хрватска, уште од кога се најдоа на музичкиот пазар.
Сите албуми на Тихомир Поп Асановиќ, во форма на лонг-плеј плочи и компакт-дискови, како и голем дел од каталогот на Кроација Рекордс, може да се најдат и во Скопје, во музичката продавница Југотон.