„The Rabbit And The Fallen Sycamore“ од Роџевски класифициран во кремот на џез-елитата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Најпознатиот и највлијателниот џез-магазин DownBeat во својот најнов јануарски број го вброи актуелниот албум на Крсте Роџевски “The Rabbit and the Fallen Sycamore” во својата листа на најдобри албумски остварувања во 2018 година, во којашто се најдоа и последните албумски објави на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано и Дејв Даглас, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон, Ник Барч Ронин, Метју Шип и други великани на џез музиката денес.

Ова е несомнено едно од најголемите признанија што некој македонски музичар го има било кога добиено од реномираната светска музичка критика.

Третиот студиски проект на Роџевски доживеа блескави критики и рецензии и во другите влијателни музички списанија, магазини и вебзини како: „Вајр” (WIRE), „Стереогам” (Stereogum), „Ол абаут џез” (All About Jazz), „Џез корнер” (Jazz Corner), „Џез викли” (Jazz Weekly), „Авант мјузик њуз” (Avant Music News), „Бродвеј ворлд” (Broadway World) и други.

“The Rabbit and the Fallen Sycamore” е, всушност, третиот дел од трилогијата „Апоптоза” (Apoptosis) на Роџевски, по првенецот “Batania” и неговиот наследник “Bitter Almonds”. Албумот, како и претходните два, го издаде ‘Much Prefer Records’, го продуцираа Тома Фуџивара и Крсте Роџевски, а го миксаше легендата Бил Ласвел. Импресивната екипа музичари на оваа плоча, предводена од Роџевски, ги вбројува Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).

По њујоршката промоција, “The Rabbit and the Fallen Sycamore” ќе биде промовиран и во Скопје, во среда, 19. декември, во кафе „Винил”, со почеток во 21 часот.

Извор: mms.mk