Тежок удар и пораз за Ердоган: Имамоглу е нов градоначалник на Истанбул


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Актуелната владејачка партија во Турција, Партија на правдата и развојот (АКП) на Реџеп Тајип Ердоган, доживеа фатален политички пораз на повторените локални избори за градоначалник на Истанбул, по вчерашното гласање во турската метропола.

Кандидатот на главната опозициска партија, Екрем Имамоглу, освои 54% од гласовите пред кандидатот поддржан од партијата на Ердоган, Бинали Јилдирим. Тој вечерва го призна поразот, честитајќи му на Имамоглу.

Новиот градоначалник на Истанбул пред седиштето на изборниот штаб беше поздравен од бројни еуфорично расположени поддржувачи кои му отпоздравуваа со слоганот “повторно градоначалник”.

Имамоглу во Март победи на локалните избори во Истанбул, но изборната комисија го поништи резултатот на инсистирање на партијата на Ердоган.

Негирањето на волјата на граѓаните Ердоган скапо ја плати. Додека во Март неговиот кандидат загуби само со 13.000 гласови, вчера загуби со разликата од над 770.000 гласови.

Во својата прва изјава, Имамоглу најави дека почнува нова ера во Истанбул, која ќе ја одбележи правдата, еднаквоста и љубовта.

Тој додаде и дека е подготвен да соработува со претседателот на државата.

Поништувањето на резултатот од изборите во Март, ги зголеми стравувањата во Турција и странство за состојбата со демократијата во државата и за тоа дали партијата на Ердоган, која ја контролира владата од 2002-та година, ќе прифати каков било изборен пораз. На локалните избори, Ердоган ја загуби власта и во главниот град на државата, Анкара.

15-милионскиот Истанбул е културен, економски, трговски и туристички центар на Турција, поврзувајќи ги Европа и Азија. Во 2017-тата година Истанбул создал 31 процент од турскиот бруто домашен производ.