ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА: Еве го исказот на Камчев како бил рекетиран


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Порталот Инфомакс објави исказ на Орце Камчев во кој тој објаснува како започнало рекетирањето и кој се бил вмешан.

„Јас од месец септември 2018-та година до некаде 10 април 2019-та сум постојано уценуван од група на луѓе кои од мене изнудија голема сума на парични средства“ вели Орце Камчев во исказот даден пред јавната обвинителка Вилма Рускоска на 2-ри мај годинава, објави во петокот вечерта порталот Инфомакс.

Рекетот започнал откако Бојан Јовановски познат како Боки 13 побарал средба со бизнисменот Орце Камчев на која Боки му нудел проект за трговски центар. Според Боки 13 се работело за некаков ,,Fashion Mall”, како што посочува Камчев проектот кој што тогаш му го достави Јовановски бил несериозен, по што тој веднаш го отфрлил.

Откако бил одбиен Јовановски се вратил со втор договор на уште еден состанок за кој што барал четири милиони евра, договорот веќе бил драфтиран и парафиран од синот на Катица Јанева, Лазе Јанев. Во договорот се барале 4 милиони евра за наводна франшиза.


„Јас сфатив дека всушност се работи за фиктивен проект, бидејќи освен договорот не ми беше презентиран никаков бизнис план, што значи целта беше да се земат пари од мене“, појаснува Орце Камчев во исказот даден пред обвинителката Рускоска.

Камчев потенцира дека вакви планови за старечки домови им биле понудени на Силјан Мицевски од Битола и Адријан Амзовски од Струга (зет на Фијат Цановски). Наводните проекти чинеле 4 милиони евра.

Откако бил одбиен и за вториот проект, Боки Тредичи успеал да го натера Орце Камчев да му плати реклама од 180 илјади евра, иако во тој момент како што кажува Камчев во изјавата пред Рускоска, ниту тој, ниту неговите компании имале потреба од реклама.

Но тука не се завршило. Откако му ги исплатиле овие 180 илјади евра ,и тоа 90 илјади евра преку сметката на „Систина“ и 90 илјади евра преку „ОК Идеја“, Бојан Јовановски започнала на социјалната мрежа Instagram да објавува заеднички фотографии со обвинителката Катица Јанева во кои потенцирал дека се спремало нешто големо. Неколку дена подоцна, Камчев бил приведен и притворен во случајот „Империја“.


Веднаш по притворувањето, поточно во неделата на 10-ти ноември, во стан на тајна локација во скопската населба Капиштец била повикана сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева.

„Јас бев притворен како што кажав на 8 ноември, петок, а во неделата мојата сопруга беше повикана од Зоки Милевски да се сретнат со Васе Димишков, адвокат од Скопје. Во вечерните часови, ден недела, мојата сопруга била однесена во таен стан во населбата Капиштец. Во станот биле мојата сопруга со Зоки, а Васе Димишков ги чекал во станот“, појаснува бизнисменот Камчев во пријавата до обвинителството за организиран криминал.

Увертирата во земањето рекет, адвокатот Димипков ја започнал со тоа што на сопругата на Јордан Камчев почнал да и соли памет дека уште летоска му кажал на нејзиниот сопруг дека требало ,,да пушти некој денар” за да се подмачкале истрагите против него, а тој да си бил мирен. Васил Димишков, инаку брат на судијката Весна Димишкова уште во август 2018 година се обидел да изнуди пари од Орце Камчев. Бизнисменот тоа не го сватил за сериозно тогаш, иако Димишков му предочил дека против него има распишано посебни истражни мерки. Камчев одбил било каква соработка со Димишков, бидејќи како што тврди се чувствувал невин и дека дури да имало ПИ-мерки против него, немало што да крие.


„…Васе ѝ побарал 2,4,6 милиони евра (на Ана Камчева) во зависност од опцијата, при што и кажал дека поголема група на луѓе треба да се подмири од сумата и дека во оваа група биле вклучени и обвинителката Лиле Стефанова и неговата сестра, судија Весна Димишкова која после ова би заминала во пензија“, додава Камчев.

На прашање на обвинителот, како би отишла во пензија кога не исполнува години старост, пријавителот Камчев изјавува:

„Од тие причини сумата била голема затоа што после ова на судијата Димишкова би и завршила кариерата“.

Инаку Весна Димишкова е судијката која го ослободи Заев за случајот ,,Поткуп” во кој премиерот Зоран Заев беше обвинет дека барал 200 илјади евра поткуп од струмички бизнисмен, додека бил градоначалник на општина Струмица.

На крајот на ноември, пред Орце Камчев да биде ослободен од ефективен притвор, а мерката да биде заменета со куќен притвор, Бојан Јовановски преку Зоки Милески Кичеец ја контактирал сопругата на Камчев, Ана Камчева нудејќи и опција од 500 илјади евра во замена за укинување на мерката притвор за нејзиниот сопруг.


Боки Тредичи за да покаже дека е многу сериозен, дури и ја повикал Ана Камчева во неговиот дом во селото Орман, каде таа отишла заедно со Зоран Милески Кичеец. Како што објаснува Камчева во исказот пред обвинител, таа таму го затекнала Боки додека ја фарба косата, а косата му ја фарбал Сергеј Варошлија.

Наспроти нив седела специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која ја уверила Ана дека ако дадат 500 илјади евра, мерката ефективен притвор ќе биде заменета со куќен притвор.

Ана и Орце Камчеви успеале во рок од неколку дена да соберат 350 илјади евра, а останатите 150 ги земале како позајмица од Кичеецот. Два дена подоцна Орце Камчев бил префрлен во куќен притвор. Откако заминал во куќен притвор, најчест гостин на семејството Камчеви бил токму Бојан Јовановски кој објаснувал што Орце би добил за 5 милиони евра, а што за 8 милиони евра.

„Осум милиони чинеше варијантата, предметот да заврши во СЈО, а доколку Врховниот суд донесе одлука дека тие не се надлежни да постапуваат по предметот, Катица предметот да го прати во редовното обвинителство, без докази, односно да бидат уништени доказите со кои наводно тие располагаат и оваа варијанта чинеше 5 милиони евра. Дека е ова така говори и фактот дека имаше поплава во подрумските простории на СЈО, каде беа уништени доказите во предметот ‘Империја’ за кои сум јас меѓу обвинетите“, тврди Орце Камчев во исказот даден пред обвинителката Вилма Рускоска.


Камчев уште од првиот момент, како што вели во својот исказ, знаел дека пари нема да им даде, но како што вели “ова им го понудив, само за да можам да соберам докази дека тие од мене изнудуваат пари”.

„Бојан веднаш се јави кај Катица при што се согласија со 5 милиони евра“, објаснува Камчев.

Така, проилегува дека не само што Катица Јанева и Бојан Јовановски заедно со Лиле Стефанова и Весна Димишкова „кркнале” пет милиони евра, смислено ги поплавиле просториите на СЈО за да уништат докази за наводен криминал, а со тоа да ја попречат правдата.

Целиот текст прочитајте го на Инфомакс