Теренска анкета на СДСМ: Пендаровски во предност со 8 до 10 отсто пред Силјановска


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Резултатите од теренското истражување порачано од владејачката СДСМ велат дека нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски во вториот круг од претседателските избори ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови пред Гордана Силјановска-Давкова, која е кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во првиот круг ќе води со предност од 8 до 10 % пред противкандидатката Гордана Силјановска Давкова и во вториот круг ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови. Ова го покажуваат теренските анкети спороведени по барање на СДСМ, велат за ДВ партиски извори. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни да одговорат какви се резултатите од анкетите спроведени по нивно барање. ДВ ќе ги објави и тие резултати доколку партијата реши да ги сподели со јавноста, пренесува Дојче Веле.

Анкетите спроведени по барање на СДСМ покажуваат дека разликата меѓу гласовите што би ги добиле претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, воопшто не е во рамките на статистичка грешка, како што покажаа резултатите од телефонската анкета спроведена од „М-Проспект“, кои неделава ги објави ТВ „Телма“. Според таа анкета, доколку утре се одржат претседателски избори 25 отсто до граѓаните би гласале за Пендаровски, 22,4 отсто за Силјановска и 10.09 отсто за Блерим Река. Со оглед дека беше посочено оти овие резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1 отсто, практично произлегува дека двајца од кандидатите се речиси изедначени со оглед дека ги дели разлика од 2,6 процентни поени во првиот круг.

Извори од СДСМ велат дека не коментираат други анкети. По нивно барање досега се спровеле повеќе истражувања на јавното мислење преку различни агенции, а добиените споредбени резултати целосно се совпаѓале. Сите тие истражувања на јавното мислење биле спреведени теренски, според методот „лице в лице“ на примероци од најмалку 1.200 испитаници. Резултатите покажале дека Пендаровски во првиот круг ќе води со предност од 8 до 10% пред Силјановска и дека во вториот круг ќе влезе со предност од околу 90.000 гласови. Според тие истражувања, гласовите на Албанците во првиот круг ќе се поделат помеѓу Пендаровски и Река, во вториот круг гласачите на Река во најголем број би гласале за Пендаровски, а дел би апстинирале. Околу 80% од гласачите на ДУИ се изјасниле со сигурност ќе гласаат за Пендаровски уште во првиот круг.

Овие резултати се во спротивност со оние на „М-Проспект“, кои покажуваат дека во првиот круг повеќе од половина од симпатизерите на ДУИ (57 отсто) би гласале за Река, и дека во вториот круг ќе се свртат кон Пендаровски, со што нивната поддршка од 25,7 проценти за него во првиот круг, ќе порасне на 58,6 отсто во вториот.