Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Откако првиот заеднички состанок, во име на државниот интерес (како што рекоа), го поминаа насмеани и во позитивна атмосфера за меѓусебна соработка, веднаш по него се фатија во клинч, пренесува 24.мк.
Препукувањата во министерството за финансии продолжија и денеска. Дополнителната заменик-министерка Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција изрази разочараност од дописот со кој министерката Нина Ангеловска им забранила на вработените директно да комуницираат со неа и да даваат информации без дозвола од нејзиниот кабинет. За дополнителната заменик министерка ова е директна опструкција врз нејзината работа и кршење на законите.
„Согласно членот 49 од законот за влада јасно е кажано кои се должностите и правата на дополнителниот заменик министер. Таму е јасно кажано дека од денот на именување на дополнителниот заменик министер има непречено право да ги гледа документите, актите, соопштенијата кои што ги добива министерот за финансии.“ – Гордана Димитриеска Кочоска – дополнителна заменик-министерка за финансии.
Министерката Ангеловска пак, тврди станува збор за документ со кој се уредуваат стандардните процедури за комуникација, а од него медиумите направиле завера. Обвинувањата за опструкции на нејзината колешка ги оцени како лажни вести и обид за политичко поентирање.
„Јас сум дојдена на оваа позиција пред четири месеци без никаков багаж и немам розови или црни наочари, односно немам што да кријам, а тоа го покажува и отворањето на трезорот за финансии каде не треба да сте министер за да може да ја видите секоја трансакција и секој еден денар каде оди.“ – Нина Ангеловска – министерка за финансии.
Во министерството на Ангеловска, Гордана Димитриеска Кочоска влезе како дополнителна заменик министерка на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а за време на нејзиниот мандат со Ангеловска имаат врзан потпис. Фунцкијата на дополнителната заменик-министерка трае до завршувањето на изборите.