Тензични протести во Црна Гора – новата влада сака да го измени законот за верски слободи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Илјадници демонстранти протестираа пред црногорскиот парламент, спротивставувајќи се на измените на законот за слобода на вероисповед што ги предложи новата влада под притисок на СПЦ.

Законот, донесен од претходната влада пред една година, ја регулира сопственоста на имотот на верските заедници, а Српската православна црква тврди дека нејзината вистинска цел е да го заплени нејзиниот имот во Црна Гора.

Демонстрантите носеле знамиња на Црна Гора и извикувале „Нема да им ја дадеме државата“, „Ова не е Србија“, „Ќе ја браниме Црна Гора од непријатели“.

Протестот завршил околу 14:15 часот.

„Нашите барања остануваат исти и повторно ќе се собереме ако е потребно“, им рече Пеѓа Вусуровиќ на насобраните.

Дел од граѓаните запалија неколку факели и димни бомби пред да го напуштат просторот пред Собранието.

Колони автомобили со црногорски државни симболи тргнаа кон Подгорица рано утрово од повеќе црногорски градови на протестот што започна напладне.

Митингот е организиран од група црногорски патриотски организации за да се „спротивстави на бришењето на црногорскиот државен и национален идентитет и србизација на историјата на Црна Гора“.

Претставниците на до неодамна владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ ги поздравија собраните пред парламентот.

Протестниот митинг го обезбедувала полицијата, а локалните медиуми објавиле дека повеќето луѓе носеле заштитна маска, но не држеле физичка дистанца.

Министерот за внатрешни работи Сергеј Секуловиќ рече дека полициските службеници ќе дејствуваат превентивно, но ќе реагираат доколку е потребно за одржување на јавниот ред и мир и заштита на безбедноста на граѓаните.

Претходната влада на ДПС усвои закон за слобода на вероисповедта пред точно една година и наскоро започнаа масовни протести предводени од СПЦ, тврдејќи дека целта е да се заплени нејзиниот имот во Црна Гора.

Според аналитичарите, токму овие протести доведоа до првиот изборен пораз на Мило Ѓукановиќ и прва промена на владата во Црна Гора во последните три децении.

Еден од првите потези на новата влада е да ги избрише деловите од законот на кои се спротивставува Српската православна црква. Амандманите биле доставени во собраниска процедура по итна постапка за која не е потребна јавна расправа.

Протестите на приврзаниците и противниците на законот пред и по парламентарните избори на 30 август доведоа до катастрофална епидемиолошка состојба во Црна Гора, со што земјата стана еден од светските лидери по бројот на инфекции со коронавирус на 100.000 жители.