Телеком ја постави првата пробна 5G мрежа во центарот на Скопје


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со поставување на првата пробна 5G мрежа во центарот на Скопје Телеком овозможи услови за тестирање на оваа нова технологија во реални услови. Ова е уште еден чекор кон воведувањето 5G во Македонија, што ќе овозможи технолошки напредок на општеството и многу нови функционалности за корисниците, пренесува МИА.

„Неколку години наназад интензивно работиме на градење на новата инфраструктура на мрежата која ќе им ги донесе придобивките на 5G на нашите корисници. Досега неколку пати сме мереле 5G брзини, во лабораториски услови. Денес првпат мериме брзини во реални услови, преку сигналот од првите 5G базни станици кои се поставени во центарот на Скопје. Ја имаме првата тестна 5G мрежа во земјава што ќе ни овозможи да бидеме подготвени за воведување на оваа технологија за сите корисници, кога ќе дојде моментот“, изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Целта на пробната 5G мрежа е тестирање на перформансите во реални услови со кои би се овозможиле нови услуги за корисниците, како на пример: супер брз фиксен безжичен интернет, VR (Virtual Reality) 3600 видео во живо, VR gaming во реално време, ultra-HD multi video streaming, итн.).

Компанијата најавува дека тестирањата ќе се вршат во текот на 2020 година и врз основа на нив мрежата ќе се подготви за комерцијална фаза.Ќе тестираме и во градски и во рурални средини. Очекуваме некаде во втората половина веројатно да има и тендер за фрекфенциите, рече Љушев.

Со воведувањето на оваа технологија, укажуваат од Телеком, не само што ќе се создадат услови за развој на информатичко-технолошко поле, туку пошироко, ќе се создадат услови за целосен економски развој на нашата земја. Ќе се смени начинот на кој функционира општеството, а придобивките ќе ги гледаме во сите сфери: медицина, образование, бизнис…

5G ќе почне да се имплементира во Европа од 2020 година, а целосна имплементација со сите нејзини напредни функционалности се очекува во периодот по 2025 година.