Телеграми со сочувство за автобуската трагедија пристигнуваат од сите страни


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Најсмртоносна автобуска несреќа во Европа во последната деценија – со ваков наслов дел од регионалните и светските медиуми пренесоа за автобуската сообраќајна трагедија во Бугарија.

Голем дел од нив пренесуваат детали за трагедијата, а посебно внимание посветуваат на тоа дека меѓу загинатите има и деца. Дел од нив анализираат и дали причината за несреќата е човечка грешка или проблем со самиот автобус. Пораки со сочувство за настраданите пристигнаа од сите соседни држави, вклучително и од челниците на Европската Унија.

-Моето најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во трагичната автобуска несреќа синоќа во Бугарија. На повредените им посакувам брзо закрепнување. Во овие страшни времиња, Европа се солидаризира со вас. – напиша претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен.

Слични пораки преку социјалните мрежи упатија и претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел и Еврокомесарот Оливер Вархеји. Официјален Кремљ пак ја објави телеграматса која рускиот Претседател Путин ја испратил до македонскиот колега Пендаровски

„Прифатете го моето најдлабоко сочувство во врска со смртта на граѓаните на вашата земја, вклучително и деца и младинци, предизвикана од сообраќајна несреќа во Бугарија“- Владимир Путин – Претседател на Русија.

Сочувство пристигна и од американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.

-Во име на Американската амбасада, би сакала да изразам сочувство до семејствата кои ги загубија саканите и нашата поддршка за тие кои се повредени и чии срца се полни со болка поради трагичната автобуска несреќа. Напите мисли се со вас во ова тешко време. – напиша Кејт Брнз – Амбасадорка на САД во Македонија.

Телеграма со сочувство до македонскиот државен врв испрати и српскиот Претседател Вучиќ кој на повредените им посака и брзо и успешно закрепнување.

-Не постојат зборови со кои може да се опише болката што ја споделуваме со граѓаните на вашата земја. Молчејќи пред оваа трагедија, упатуваме молитви за утеха до семејствата на жртвите и до целиот ваш братски народ –стои меѓудругото во телеграмата од Александар Вучиќ – Претседател на Србија.

Нема зборови за утеха во оваа трагедија напиша на социјалните мрежи албанскиот премиер Еди Рама кој изрази длабоко сочувство за настраданите. Слична порака упати и грчкиот премиер Мицотакис кој напиша дека нивните молитви се упатени до семејствата на оние кои ги загубија животите во несреќата.