Телефонската измама „Вангири“ – 826 денари за една минута


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Голем број македонски граѓани вчера утрото, околу 6:30 часот, биле мета на телефонската измама позната како „Вангири“, кога добиле повик од број кон најчесто започнувал со +8818.

Мобилниот им заѕвонил само еднаш и веднаш се прекинала врската. Оние кои што го повикале назад бројот се жртви на измама и нивните сметки за мобилна телефонија овој месец најверојатно ќе бидат повисоки. Тоа е затоа што, во конкретниот случај, вртејќи на бројот што почнува на +8818, се јавиле на број регистриран на сателитскиот телекомуникациски провајдер “Globalstar”. Оние што го игнорирале пропуштениот повик не се оштетени, пренесува Мета.

Станува збор за варијанта на познатата телефонска измама наречена „Вангири“ која изворно потекнува од Јапонија. Направена е преку машинско или софтверско јавување на серија на броеви, a напаѓачот „игра на картата“ на љубопитноста на корисниците.

Според последниот ценовник на постпејд услуги на Македонски телеком кој што важи од 01.01.2020 година, повици во роаминг кон сателитската зона 4, во која се наоѓа “Globalstar”, е 826 денари по минута. Оваа услуга до крајот на минатата 2019 година, според ценовникот на „Телеком“ чинела 590 денари по минута.

Агенцијата за електронски комуникации, како регулатор на телекомуникацискиот пазар, и Македонски телеком, најголемиот телекомуникациски оператор, објавија кратки соопштенија за случајот во кои ги советуваат граѓаните да не се јавуваат на пропуштени повици од странство. Од АЕК потврдуваат дека повиците се случувале по 6.30 часот и велат оти до 9 часот утринава ги блокирале „најголем дел од броевите преку кои се остваруваше ваквата измама“, но додаваат дека тоа „не значи дека ваква измама нема да се повтори од други броеви“.

Олеснителна околност за измамените корисници е тоа што можат да поднесат приговор за да не им бидат наплатени овие средства.