Техничкиот премиер Спасовски сведок во рочиштето за „крвавиот 27 април“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешното судско рочиште за крвавите случувања и насилства во македонското Собрание на 27 април, 2017 година, во својство на сведок денес на клупата седна техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Во тој период Спасовски беше пратеник, па денеска зборуваше дека неколкупати на конститутивната седница барал преминување на друга точка од дневниот ред – избор на претседател на законодавниот дом, за што имал поддршка и од мнозинството, пренесува 360 Степени.

Тој објасни дека ако пратеник има поддршка од најмалку 10 пратеници, претседавачот на собраниската седница мора да ја стави точката на гласање, што не било така во неговиот случај. Претседавач тогаш беше Трајко Вељаноски, кој во судницата е еден од обвинетите. Токму тој и неговиот адвокат Еленко Миланов прашуваа дали на координација на пратеничките групи имало консензус да се премине на точката за избор на претседател.

Спасовски, пак, рече дека немало консензус од сите координатори, но дека тоа е ирелевантно, зашто сè што се носи и се гласа е со мнозинство од Собранието и дека за да се премине на избор на претседател имало поддршка од мнозинството.

Обвинителката Вилма Русковска имаше само неколку прашања за Спасовски, кои беа во насока на тоа дека Вељаноски не постапувал според Деловникот, како и неколку други со кои алудираше дека големи партии како ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ функционираат преку општински и месни комитети во координација од партискиот врв. Но по приговори од одбраната, голем дел од овие прашања не беа дозволени.

Таа праша и дали СДСМ како партија презела нешто на критичниот ден?

„Кога започна насилството, имаше луѓе кои се собрале пред седиштето на СДСМ и тоа е единствено нешто што презедовме“, рече Спасовски.

Неговото сведочење денеска траеше кратко, за разлика од сведочењето во најобемниот судски процес за 27 април во кој беа опфатени 33 луѓе, меѓу кои и раководството во МВР и лица кои упаднаа во Собранието.

Тогаш, со оглед на профилот на обвинетите, тој добиваше прашања и зборуваше за упадот, нападот врз пратениците, присуството на полицијата…

Во овој предмет, покрај Вељаноски, обвинети се и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.