Технички проблем со леталото – причина за уривање на украинскиот авион кај Техеран


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Иранските служби и власти тврдат дека технички проблем е причината за уривање на украинскиот авион кој се запали над Техеран и се урна во близина на градот. Екипажот на украинскиот авион кој се урна во Иран воопшто не побарал помош од контролата на лет и се обидувал да се врати на аеродромот, пред леталото да се урне.

Ненадеен проблем се случил во авионот на украинската компанија, тврдат иранските власти, по несреќата во која загинаа 176 луѓе. Леталото се урна непосредно по полетувањето од аеродромот во Техеран во средата.

Иранскиот министер за транспорт Мохамед Еслами утрово изјави дека во прашање бил технички дефект, и ги отфрли шпекулациите дека има нешто сомнително во несреќата.

„Авионот се запалил поради технички дефект кој довел до несреќата“, тврди Еслами.

Очевидците, вклучително и екипажот на друг авион кој минувал во близина, велат дека од авионот пред падот се гледале пламени јазици. Падот на авионот предизвикал голема експлозија затоа што бил наполнет со гориво за долгиот лет до Киев, Украина.

Иранските власти ги пронашле двете „црни кутии“, кои содржат податоци и снимки од комуникациите во кокпитот на леталото, иако тие биле делумно оштетени.

На летот до Украина се превезувале 167 патници и девет членови на екипажот од неколку држави, меѓу нив 82 Иранци, најмалку 63 Канаѓани и 11 Украинци. Голем дел од патниците биле студенти од универзитети во Канада кои се враќале во Торонто преку Киев. Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека 138 патници требало да се вратат во неговата земја. Знамето над парламентот во Отава е спуштено на половина копје, а Трудо најави дека несреќата ќе се истражи до крај.

Украинските власти првично се согласија со своите ирански колеги дека авионот паднал поради механички проблем, но подоцна го повлекоа тој став и одбија да го објаснат тоа, се додека тече истрагата.

Иако причините за несреќата сѐ уште не се познати, новата трагедија може дополнително да го наруши имиџот на Боинг кој веќе се соочи со жестоки критики поради проблеми со поновиот модел на „737“ откако две летала од најновиот модел имаа несреќи.