Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Гостиварскиот градоначалник од редовите на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари, на гостување во ТВ 24 утрово порача дека доколку е точно дека е разрешен директорот на „Комунална хигиена“, кој е од нивните партиски редови, ќе побара од претседателството да ја прекинат соработката со Данела Арсовска.
„Јас не знам дали е разрешен, ако е разрешен мислам дека тука завршува нашата приказна во Скопје, оти за да се разреши треба градоначалничката прво барем да нè консултира нас. Ова го зборувам лично, меѓутоа, денеска ќе имаме и партиски состанок, јас лично ќе побарам од претседателството, мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје со Данела Арсовска. После 12 навечер да разрешува директори, без да се консултира, тоа е неприфатливо“, кажа Таравари.
Таравари смета дека вчерашниот инцидент кај плоштадот на споменикот на Скендербег е провокација.
„Јас ги разбирам демонстрантите од македонските партиии и тоа е сосема легитимно, меѓутоа, логично е да протестираат пред институции, но протести да има и пред приватен хотел или во населба каде генерално живеат Албанци, ми изгледа провокативно. Ако ги видите ексклузивните видеа, не е дека не протестираат таму, хотелот една вечер претходно е демолиран од демонстрантите и тоа е пријавено во полицијата. Зошто баш овој хотел не ми е јасно. И вчера одредени луѓе одеа таму по вторпат да провоцираат. Јас не оправдувам оружје, меѓутоа, па и дома кај вас да дојде некој вандалски да се однесува, јас мислам сите сме луѓе и сите би реагирале“, вели Таравари.
Вчера за време на протестот против францускиот предлог дојде до инцидент меѓу демонстрантите од протестот и помала група граѓани кај Мавровка, од кои еден беше вооружен и пукаше во воздух. Неговата фотографија прв ја објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и тврдеше дека тоа лице вечерта требало да го убие него.
„И сликата – сака да ме убие ми е нелогична сама по себе“, прокоментира Таравари.
Лицето кое вчера беше со пиштол на плоштадот Скендербег е Цуфи Кока, член на Алијанса на Албанците и брат на Зуди Енузи, в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ во Скопје. Град Скопје доцна синоќа соопшти дека поради инцидентот со неговиот брат, Енузи е разрешен од функцијата.
Инаку Цуфи Кока е уапсен, а од МВР велат дека го испитуваат зошто носел оружје и зошто пукал, по што ќе споделат детали во јавноста.