Home Актуелно Таравари бара формирање техничка влада

Таравари бара формирање техничка влада

Потпретседателот на Алијанса за Албаниците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари бара итно формирање на техничка влада. Во објава на профилот на Фејсбук, Таравари вели дека техничката влада е единствено решение во моментов во земјава која, како што вели, е мала во географска смисла, но е гигант во корупција.

„Секојдневно живееме и сме сведоци на корумпираното бирократско мочуриште, во коешто плови сè и сешто. Власта е во постојана кавга со неколку држави, како да не ѝ беше доволен сомнителниот начин на доаѓање на тронот. Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните“, пишува Таравари.

Според него итна интервенција е потреба во пет сфери, корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и администрацијата.

„Техничката влада ќе мора да даде приоритет на излез од кризата на историските дилеми и да работи на усогласување на владиниот и ЕУ-календарот. Токму во такво ‘руво’ оваа влада би дала пример за сите други, идни влади, работејќи и не очекувајќи пофалби и комплименти, туку успешно завршувајќи ги своите задачи. На Македонија не ѝ треба Столе кого го вработи братучедот, ниту Шабан чијашто функција е заслужена поради семејната поврзаност со партискиот лидер. Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти“, вели Таравари.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…