Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со висина од 2.521 метар над морското ниво, на границата помеѓу Македонија и Грција, вгордеан како највисока и највозвишена точка на планината Ниџе, со пристап од двете страни – и македонската, и грчката, Кајмакчалан е петти највисок врв меѓу планинските врвични господари во Македонија. И на самиот старт, мора да признаеме, должински и висински, пристапот од грчката страна е далеку полесен и подостапен отколку вкупните 50-тина километри должина и 1.600 метри надморска висина кои треба да се совладаат од македонската страна, кога ќе тргнете кон оваа врвичност од селото Скочивир.
Нашето сефте на овој врв беше (конечно, после долго време натегање кога и како да го качуваме) се случи изминатиот викенд, од грчката страна, со почетна точка од ски-центарот Ворас кој се наоѓа не не повеќе од 600 метри надморска висина под Кајмакчалан. Но, зимските услови, а особено жестокиот ветер кој буквално не „тепаше“ директно во лицата додека качувавме кон врвот, дебело ни наплатија за олеснителните околности кои ги нуди грчкиот пристап кон врвот (далеку, далеку пократката должина и далеку помалата висинска разлика кои треба да се совладаат) по кои решивме да го направиме нашето искачување.
Патеката од ски-центарот до самиот врв пристојно обележана со оние гранични пластични маркери со кои се ограничуваат и трасираат скијачките патеки, а снегот беше и добро нагмечен од гасениците на ратраците кои се движат нагоре за да ги чистат и одржуваат патеките, а повремено и да однесат некој турист до Кајмакчалан, на возење по снегот со ратрак.
Ветрот цело време буквално не шибаше со сета своја смрзнувачка суровост и жестокост, правејќи го прилично отежнато движењето по трасираната патека, кое во нормални зимски услови, без ветар, би било далеку полесно и побрзо. Но, секое искуство на планинските падини си носи своја дразба, нуди автентично уживање и откривање на сите лица на природата, а и духот го става на интроспекциски испит – дали ќе издржи во својата зададена намера и цел, да ја одржи внатрешната настројба на телото за како целокупна органско-духовна опстојба да издржи до врвот. И до Врвот – оној внатрешниот, кој секогаш доаѓа заедно со секое искачено врвично извишување.
Дополнително отежнување беше густата и ниска облачност и магла кои, во комбинација со првенственото качување кое со себе ги носи сето неискуство во однос на теренот до зададената врвична цел, правеа напати да се чувствуваме фрустрирано „загубени“ во густата и непрогледна белина од која очекувавме да изнурне маркантната градба на Кајмакчалан. Но, објектот никако да излезе пред нашите очи, па напати и се посомневавме во правилноста на нашиот правец на движење, и покрај трагите од ратракот (кои, нормално, лесно можат да те однесат во друг правец, па и во круг, ако не си целосно сигурен дека постојано се движиш линеарно), како и споменатите пластични маркери.
После двочасовно искачување и движење по целосно непрегледен и заснежен терен, конечно, од дебелата и монотона белина на маглата комбинирана со онаа на снегот, пред нас се покажа со смрзнат снег накитената меморијална катедрала „Свети Илија“, која се наоѓа на самиот врв Кајмакчалан, посветена на загинатите српски војници во српско/француско-бугарската битка која се водела на таа месност од 12 до 30 септември, 1916 година, како и „смрзнатата“ камбана која е донација од Михајло Пупин. Во неа, своевремено почивала и урната со срцето од швајцарскиот форензичар Арчибајлд Рајс.
Силниот студ и жестокиот ветер кои не нè штедеа ниту на врвот, нормално, не ни оставија многу време за пригодно уживање на Кајмакчалан, а силните смрзнати слоеви кои беа наталожени врз црквата не ни дозволија ниту да влеземе во истата. Можевме само да уживаме на свој допадлив начин во импресивното зимско лице на Кајмакчалан.
После отприлика 15-тина минути поминати на врвот, соочени со не баш пријатни и не долго издржливи услови, без никаква надеж за смирување на ветрот и кревање на маглата, за да можеме да уживаме во тишината и глетките, се упативме назад кон Ворас. А ова искачување на Кајмакчалан дефинитивно ќе го паметиме по две нешта – како прво качување воопшто, воедно и прво зимско качување на овој врв и на оваа планина, како и возбудливо планинарско искуство во зимски услови.
Фотографии и текст: Александар Војнески