Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во дамнешно време дошле Татарите во селото Добра, ги поробиле младите ергени и им ги исекле јазиците. Селото го опљачкале и си заминале, а ергените по некое време се вратиле неми и сакати.
Улицата се чува уште од мугрите
Жените-возачи добиваа посебен благослов – утрински бакнеж и разбушавена коса полна со слама
Оттогаш до ден-денешен во ова село во јужна Полска останал еден обичај сличен на нашите џоломарски и бабарски игри. Секоја година на прв ден Велигден момчињата се затвораат в штала и се преправаат во сламени одежди, кои грижливо ги приготвуваат секој Велигден одново.
Прскачите со полна опрема тргнуваат во пресрет на следниот намерник
Освен фустанот од слама, задолжителен дел од нивната маска се и лицата изработени од груба кожа, да ги преставува изобличените глави на ергените. Вечерта седат на сретсело и цела ноќ го слават првиот ден од воскресението со песна и со по некое шише вотка. Не сите издржуваат до утрото – сонцето на разденување паѓа и на оние, кои се откажале и папсани легнале во купиштата слама.
Утрото на главната улица во селото се чувствува раздвиженост – прскачите ги пречекуваат сите намерници, и пешаците и возачите. Поделени се во повеќе групи распоредени долж улицата, која што е послана со дебел слој слама. Ги поздравуваат минувачите и ги китат со слама за плодност и бериќет, ги прскаат со вода за здравје. Не може да помине автомобил без да добие украс од слама и велигденски гранчиња.
На пречекот прскачите не изустуваат ни збор, оти Татари им го исекле јазикот. Наместо зборови се слуша само неартикулирано с’скање и пискање. Ритуалот кулминира во моментот кога во блиската црква завршува утринската миса – сламените прскачи ги пречекуваат верниците и ги прскаат со вода, за здравје. Сè завршува со променада на прскачите во неколку поворки и со делењето награди на сретсело.
Сламен прскач со „директорот на осмолетката“ преправен во змија
Стража од секакви напади, видими и невидими
Со ова прскачите заокружуваат уште еден циклус на прочистување, зад себе оставаат уште една година полна зли духови, и одново се раѓаат. И покрај замерките од блиските села и гратчиња, дека не е пристојно и дека е грев вакви дејанија и пијанства да има токму на Велигден, пргавиот дух на сламените прскачи од Добра сè уште живее и задолжително измамува, ако ништо друго, насмевка и добра мисла.
Текст: Диме Митревски
Фотографии: Диме Митревски и Карина Предка