Тамп се насрди на „Харли-Дејвидсон“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Како резултат на плановите светски познатата компанија за производство на мотоцикли, „Харли-Дејвидсон“,  да го пресели нивното производство надвор од САД, со цел да ги одбегне новововедените европски царини за алуминиум и челик, американскиот претседател Доналд Трамп распали со критики против компанијата.

Претседателот на САД на Твитер објави дека е изненаден што компанијата била првата што го развеала белото знаме, иако тој се борел за неа. Според него, главната причина за ваквиот потег не се високите царини туку намерата да се избегне плаќање на даноците. „Харли-Дејвидсон“ претходно објави дека планира да го префрли во други земји производството на мотоцикли наменети за европскиот пазар, јави Би-би-си.

Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс ја обвини ЕУ дека „се обидува да ги казни американските работници со неправедни и со дискриминаторски трговски политики“.

„Харли-Дејвидсон“, со седиште во Висконсин, соопшти дека зголемените трошоци од царините на ЕУ претставуваат значителен товар и закана за нејзината меѓународна продажба, што таа планира да ја прошири. Компанијата има фабрики во Австралија, Бразил, Индија, Тајланд и во САД.

„Харли-Дејвидсон“ посочи дека ќе ги зголеми инвестициите во своите глобални фабрики, иако не откри во кои, додавајќи дека очекува зголемувањето на производството да трае до 18 месеци. Компанијата вели дека царините ги зголемуваат нејзините трошоци за производство, но нагласи дека нема намера да ги зголеми цените на мотоциклите за да не ѝ наштети на продажбата.