Талат Џафери го презеде кабинетот од Претседателот на Собранието


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери седна на новото работно место. Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар беше негов прв гостин. Од собраниските служби велат дека работат на изготвување на потребните документи, со цел нормализација на работата на Парламентот.

Новоизбраниот собраниски спикер Талат Џафери денеска го презема кабинетот од неговиот претходник Трајко Вељаноски. Прв гостин на Џафери му беше амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Со тоа и официјално Џафери започна да ја обавува функцијата. Иако вчера му беше првиот работен ден, тој не влезе во кабинетот бидејќи Вељаноски имаше средба со пратениците на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ.

По преземањето на кабинетот останува собраниските служби да изготват правен документ во кој ќе биде наведено дека Џафери е новиот претседател и потоа документот да биде испратен и објавен во Службен весник, вели поранешниот спикер Стојан Андов.

На новинарите денеска им беше дозволено да влезат и да го снимаат Џафери на неговото работно место, кој посочи дека засега нема дополнителни информации како ќе се одвива неговата работа и дека јавноста за сите активности ќе биде благовремено известена.

Од собраниските служби ни изјавија дека сега е најважно оти бил предаден кабинетот на новоизбраниот спикер и додаваат дека работат на изготвување на сите потребни документи, со цел нормално функционирање на Парламентот.

Од СДСМ посочуваат дека сега е работа на собраниските служби да ги завршат понатамошните процедури со кои и официјално Џафери ќе може да го испрати писмото до претседателот Ѓорге Иванов, со кое ќе го информира дека е формирано парламентарно мнозинство, на кое тој ќе треба да му го даде мандатот за состав на нова влада.

Од ДУИ, за натамошни прашања поврзани со активностите на Џафери, упатуваат до неговиот кабинет, бидејќи, како што велат, неговата функција сега е натпартиска.

На прашањето до ВМРО ДПМНЕ што сега ќе преземе партијата откако Џафери го презема кабинетот, бидејќи не го признаваат неговиот избор, засега без одговор.

Вчера Антонијо Милошоски од ВМРО ДПМНЕ пред Собранието изјави дека Џафери е нелегитимно, неуставно и нелегално избран на функцијата. Според него, со неговиот избор бил направен преседан и била прегазена процедурата на правото и демократијата.

Артан Груби од ДУИ, пак, порача дека се надева оти од ВМРО ДПМНЕ нема да има опструкции во процедурите и дека никој нема да врши кривично дело, односно ќе се постапува во согласност со законот и ќе се почитува парламентарното мнозинство во Собранието.