Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Банкнотите имаат речиси безброј ситни детали по кои особено тој што е упатен да работи со пари, веднаш ќе ги препознае дали се оригинал или, пак, се фалсификувани. Очекувајте од денеска да ги добиете на шалтер во банка, како и на каса во поголемите маркети, пренесува Телеграф.мк.
Можеби е реткост, но ако некој има дома книжна пара во вредност од 5.000 денари од денеска со неа, и покрај високата вредност, нема да може да си купи баш ништо. Сепак, парите нема да му пропаднат оти може банкнотата да ја замени за други во некоја од домашните банки, кои ќе ги заменуваат петилјадарките до крајот на февруари догодина.
Од денеска, пак, ако подигнувате готовина во банка, можно е да ви бидат издадени новите книжни пари во апоени од 200 и 2.000 денари. Народната банка ги пушта во оптек, а први најверојатно ќе ги добијат банките оти тие се овластени да подигнуваат готовина од НБМ.
Процедурата е едноставна – банката уплаќа пари на посебна сметка во НБМ во износ од готовината што ѝ е потребна и во посебна процедура лице кое е пријавено дека може да го врши подигнувањето, го прави тоа.
Претходно, пред да бидат пуштени во оптек двестеденарките и двеилјадарките, минималната пропишана количина за подигање книжни пари беше 1 пакет од 1.000 парчиња за апоените од 10, 50, 100, 500 и 1.000 денари. Од денеска ќе можат да подигаат и нови пари.
НБМ одлучи да ја смени структурата на книжните пари во оптек поради тоа што согледала дека нема интерес за банкнотата во апоен од 5.000 денари. Впрочем, овие пари се во употреба од 1996 година, а во текот на 20 години воопшто не се пуштани нови пари.
Оттаму се категорични дека нема да се зголеми емисијата на пари, туку дека ова се прави за да се задоволат потребите на граѓаните.
Инаку, парите се готови, но како ќе изгледаат во живо ќе се знае уште денеска. Прво ќе ги запознаат банкарите, а треба да се изврши приспособување на банкоматите и на останатите машини што примаат готовина за да можат да ги вадат или да ги примаат.
На предната страна на двестеденарката носечки мотив е репрезентативната христијанска теракотна икона, односно релјефот со претстави на старозаветните воини Јошуа и Калеб, која е датирана во 6-7 век и припаѓа на познатaта група винички теракотни икони како едни од најзначајните археолошки откритија од Македонија.
На задната страна има архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на Шарена џамија во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Македонија, за кој се смета дека бил изграден во XV век.
Кај двеилјадарката, пак, носечки мотив на предната страна е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско Поле. На истата страна во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка кој е откриен во Сува Река, Гевгелија, и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е. што ѝ припаѓа на познатата група пајонско-македонски бронзи.
На задната страна, пак, има декорација на позлатен сад, кој потекнува од XVI век и во чие централно поле се прикажани два пауна.
Врвна заштита од фалсификување
Тоа што ги разликува овие банкноти од досегашните што се во оптек е високиот степен на заштита од фалсификување. Банкнотите имаат речиси безброј ситни детали по кои особено тој што е упатен да работи со пари, веднаш ќе ги препознае дали се оригинал или, пак, се фалсификувани. Стандардниот воден жиг се забележува со странично гледање врз банкнотата, но има и лента на средина која ги менува боите како виножито, а врз неа со ситни бројки е испишан апоенот.
Кај банкнотата од две илјади денари, на пример, носијата на невестата во себе крие кратенка со името на Народна банка, а се гледа само под одреден агол. Дел од носијата, исто така, менува боја, но само под ултравиолетова светлина. Интересен и и старохристијанскиот цртеж, кој се гледа само делумно. Целата слика се надополнува само кога ќе се погледне под одреден агол на дневна светлина.
Има и микротекст со назив Народна банка на Република Македонија кој може да се прочита со помош на лупа. Банкнотата има и карактеристично печатење со примена на технологија на длабок печат на називот на Банката и на вредноста на апоенот.