СЗО со апел до светските моќници да престанат со срамната неврамнотежена распределба на вакцините против Ковид-19


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Светската здравствена организација (СЗО) вчера упати апел до дваесетте светски лидери кои се способни да ја исправат „срамната“ светска нерамнотежа во достапноста на вакцините против Ковид-19 да се заземат за до октомври таа неправда и тренд да бидат исправени.

„Во светот најверојатно има дваесетина луѓе кои се пресудни за отстранување на проблемот со неправдата“, кажа Брус Ајлвард од СЗО во директно обраќање на социјалните медиуми на СЗО.

„Тие ги предводат големите компании кои се задолжени за тоа, тие ги предводат земјите кои ги купуваат повеќето вакцини во светот и земјите кои ги произведуваат. Очекуваме тие дваесетина луѓе да кажат: Ќе го отстраниме тој проблем до крајот на септември. Ќе се потрудиме 10 отсто (од населението) во секоја земја да се вакцинира“, додаде тој.

Ајлвард, шеф на СЗО за пристап до средствата за борба со пандемијата, оцени дека светот мора да чувствува „гадење“ околу таквата ситуација. СЗО е сè повеќе разочарана поради тој „морален скандал“, како што го нарече, бидејќи богатите земји трупаат залихи вакцини, а земјите во развој едвај ги вакцинираат своите најранливи жители.

Во светот се потрошени речиси 4,5 милијарди дози, покажуваат податоците на Франс прес. Во земјите со висок доход на сто луѓе се потрошени 104 дози. Во 29 земји со најнизок доход на 100 луѓе се потрошени едвај две дози.

„Треба да се срамиме сите заедно“, кажа Ајлвард.

СЗО сака секоја земја до крајот на септември да вакцинира барем 10 отсто од населението, барем 40 отсто до крајот на годината и 70 отсто до средината на 2022.