Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри првата вакцина против маларија. Како што што стои во соопштението, оваа вакцина треба да влезе во широка употреба за да се спречи маларијата, болест која ја пренесуваат комарците, годишно да убива стотици илјади деца во Африка.
СЗО ја одобри вакцината под назив РТС,С/АС01 или Москирикс, која ја разви британскиот произведувач на лекови Глаксо Смит Клајн.
Од 2019 година 2,3 милиони дози од оваа вакцина им се дадени на бебиња во Гана, Кенија и Малави во големата пилот-програма која ја координира СЗО. Програмата следела по повеќегодишните клинички истражувања во седум африкански земји.
Годишно од маларија страдаат над 400.000 луѓе, главно африкански деца. Повеќе од оние кои ги убива болеста се помлади од пет години.
„Ова е вакцина која африкански научници ја развија во Африка и многу сме горди“, кажа генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус. Додаде дека „оваа вакцина е подарок на светот, но нејзината вредност најмногу ќе се почувствува во Африка“.
По прегледувањето на извештаите од земјите кои учествувале во пилот-програмата, СЗО соопшти дека „препорачува широка употреба на првата светска вакцина против маларија“.
Ефикасноста на вакцината во спречувањето тешки случаи на маларија кај децата е само околу 30 отсто, но ова е засега единствената одобрена вакцина. Регулаторот на Европската Унија за лекови ја одобри оваа вакцина во 2015 година, со оценка дека нејзиниот ќар е поголем од ризиците.
Постојат многу вакцини против вируси и бактерии, но ова е првпат СЗО да препорача широка употреба на вакцина против хуман паразит.
„Од научна перспектива ова е огромен напредок“, кажа Педро Алонсо, директорот на Светската здравствена програма за маларија.
Вакцината дејствува против плазмодиум фалципарум – еден од петте видови паразити и најсмртоносен. Пред да стигне одобрената вакцина до африканските деца, следниот чекор е финансирање на производството.
Секои две минути едно дете умира од маларија, според податоците на СЗО.
Маларијата е далеку посмртоносна од ковид-19 во Африка. Според проценките на СЗО, во 2019 убила 386.000 Африканци, во споредба со 212.000 потврдени смртни случаи од ковид во последните 18 месеци.
СЗО наведува дека 94 отсто од случаите на маларија се јавуваат во Африка, континент со 1,3 милијарди луѓе. Болеста ја предизвикуваат паразити кои се пренесуваат на луѓето со каснување од заразени комарци, а симптомите вклучуваат треска, повраќање, главоболка и болка во мускулите.