Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Од Белата куќа соопштија дека за 12. мај е закажан светски самит посветен на завршување на пандемијата на коронавирусот и подготовка за следните здравствени закани.
Со виртуелната средба ќе копретседаваат САД, Германија, која во моментов претседава со Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7), Индонезија, која е на чело на Г20, Сенегал, на чело на Африканската унија и Белизе на чело на Асоцијацијата на држави на Карибите (Кариком).
„Самитот ќе ги удвои нашите колективни напори да ја завршиме акутната фаза на епидемијата на коронавирусот и да се подготвиме за идните здравствени закани“, се наведува во заедничкото соопштение на земјите копретседавачи, кое го пренесе Белата куќа.
Тоа ќе биде втор светски самит за пандемијата на коронавирусот, од кој низ светот умреа над шест милиони луѓе и кој ја наруши светската економија од својата појава во декември 2019 година.
Американскиот претседател Џо Бајден одржа сличен самит на 22 септември 2022 и тогаш се заложи за јакнење на кампањата на вакцинација низ светот.
Иако сега стапката на смртност значително се намали низ светот, ширењето на вирусот, особено на омикрон варијантата и понатаму спречува некои земји да ги укинат ограничувањата, почнувајќи од Кина каде милиони луѓе се сè уште во карантин.
Владата на САД, како и земјите вклучени во самитот, сакаат да ја задржат итноста во соочувањето со пандемијата.
„Воочи самитот на 12 мај, ги повикуваме светските лидери, членовите на граѓанскиот сектор, невладините организации и приватниот сектор да преземат нови обврски и да донесат решенија за вакцинација на светската популација, спасувањето на животите и изградбата на подобра здравствена безбедност секаде во светот“, се додава во заедничкото соопштение.