Advertisements
Актуелно

Светот е пред криза за питка вода – единствено наша одлука е дали ќе ја спречиме или не

Алармот во светски рамки беше вклучен на црвено и светот буквално беше шокиран кога ова лето буквално исчезна Ченаи, главниот резервоар во Индија. Град со повеќе од 4,6 милиони луѓе остана без своите главни извори на вода за пиење, принудувајќи ги властите да користат вода испратена по воз, пренесува Мкд.мк.

Но проблемот на Ченаи е дел од еден многу поголем проблем: светот има сè повеќе маки со водата, бидејќи побарувачката за вода е поголема од резервите, а подземните води исчезнуваат со алармантна стапка. Скоро 1,8 милијарди луѓе, речиси една четвртина од светското население, живеат во земји што имаат големи проблеми со водата, според новиот извештај на Светскиот институт за ресурси, кој ги рангира земјите и регионите во светот што имаат најголеми проблеми со водата. Резултатите се предупредување, но авторите на извештајот исто така забележуваат дека решенијата за нашиот проблематичен воден систем ни се пред носот. Треба само да ги спроведеме пред да ги исцедиме нашите резервоари и да ги исушиме водотеците.

Идејата за воден проблем го надминува фактот колку дожд паднал во одредена година. Наместо тоа, тимот користел мешавина од податоци за регулативите за вода, како се структурираат водните системи и голем број фактори на животната средина, од варијабилноста на врнежите од дожд до стапките на исцрпување на подземните води, за да дојдат до својата ранг-листа на проблем со водата. Истражувачите користеле 13 индикатори за да ја создадат ранг-листата. Новиот извештај е преработка на Атласот на ризик со водата на ВРИ, алатка заснована на мапа што им овозможува на корисниците да видат колку е голем проблемот со водата на разни локации.

Според мапата, цела Македонија има висок ризик за проблем со водата, освен најзападниот дел, во кој ризикот е низок кон среден

Резултатите покажуваат на Блискиот Исток се наоѓаат осум од 10-те земји што имаат најголем проблем со водата во светот. 17 земји се со „екстремно висок“ проблем со вода, меѓу кои се уште две земји од Блискиот Исток, како и Индија. Уште 27 земји имаат висок проблем со вода, а на ранг-листата има голем број европски земји, што покажува и дека ова е глобално прашање. Спојувањето на целата група од 44 земји значи дека 2,6 милијарди луѓе живеат во региони каде што водата станува скапоцен продукт.

Во земјите со релативно помал проблем со вода, постојат и критични точки. На пример, САД имаат 10 држави со висок или екстремен воден проблем (Њу Мексико го има најлошиот, а по него е Калифорнија). И, како што видовме минатата година во Кејп Таун, Јужна Африка, кој се приближи до денот на снемување вода, и поединечни градови можат да ја почувствуваат кризата.

„Во иднина најверојатно ќе има повеќе вакви денови на снемување вода во поголемите градови“, вели Бетси Ото, директорката на Глобалната програма за вода на ВРИ.

Проблемите со кои се соочуваат нашите водни системи се многубројни. Климатските промени значат дека на некои локации по екстремните суши ќе следуваат екстремни врнежи од дожд (како во Калифорнија). На некои места, како околу Медитеранот, научниците очекуваат да падне помалку дожд. Поради порозните цевки и прекумерното користење на водата за земјоделство или за енергија водата попусто се троши, додека користењето на подземните резерви значи пресушување на еден многу ограничен ресурс.

„Под нашите нозе имаме водна криза што не ја ни забележуваме“, вели Ото. „Нашите подземни резерви брзо ги снемува“.

Но ако тоа се проблемите, тогаш сигурно има и очигледни решенија кон кои може да прибегнеме. На фронтот на климатските промени и временските неприлики, може да се дизајнираат системи со резервоари и планови за користење на водата што ќе заштедуваат доволно вода за сувите години и ќе го искористат приливот во влажни години. Да се издвојат пари за да се поправат порозните цевки што пропуштаат вода. Преголемата употреба на вода е нешто што исто така може да се надмине со подобрување на практиките за земјоделските култури и почвата или на енергетската инфраструктура на местата со помалку проблеми со водата. Некои од решенијата ќе бараат креативност и политичка волја, но стремежот кон нив е подобар од жедната алтернатива, вели Гизмодо.

Advertisements
To Top