Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Светот денеска го одбележува 8. Март, како Меѓународен ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност на жените со мажите.
Но, кај нас негирањето на женските права, дискриминација и насилство се евидентни, како и помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои денес се уште се соочуваат жените.
Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.
Затоа од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
– По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност”, велат од ЕСЕ.
Оттаму додаваат дека иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата се уште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се развод на бракот, старателството, издршката врз децата, поделбата на имотот итн.
Напоменуваат и дека ограничениот пристап до пазарот на труд и невработеноста, во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Северна Македонија. Оттаму додаваат дека жените во Северна Македонија се уште се соочуваат со бариери во пристапот до основните здравствени услуги за женското здравје.
На вчерашните настани организирани по повод 8 Март, сите упатија пораки за поголемо почитување на правата на жената и нејзино економско јакнење.
Здружението на бизнис жени на Македонија побара државата да овозможи подобри можности и услови за освојување на економската независност на жената, како основа за нејзината сеопфатна независност и градење како рамноправен сегмент во општеството во целина.
Претставниците на жените од руралната средина побараа поголема поддршка за нивно зајакнување, но и остварување на правата. Со една политика, со една измена на закон, со донесување правен механизам за остварување право на породилно отсуство и боледување, нагласија, не само што ќе се елиминира ваквата неправда, туку и ќе се влијае позитивно врз зголемувањето на бројот регистрирани земјоделки и земјоделци и ќе се поттикне зголемувањето на бројот жени сопственички на земјоделски имот и земјиште.
Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, потребна е целосна вклученост на жените во заедницата, во сите сфери на општеството.
-Ова е потребно ако сакаме да зборуваме за родово сензитивно општество, за демократско општество и во тој контекст ако сакаме да кажеме дека едно општество се декларира како демократско и современо, тогаш тоа треба да овозможи еднакви можности и еднаков пристап до сите ресурси, но и еднаков бенефит од тие ресурси и за мажите и за жените, рече вчера Тренчевска на настанот „Силни жени – силни заедници”.
Само на тој начин, смета Тренчевска, може да зборуваме за општество кое се грижи за сите свои граѓани, општество кое не дискриминира и дава еднакви шанси за сите.
-Наша цел е поддршка за сите жени, креирање политики кои ќе значат подобрување на положбата на секоја жена – претприемачка, жена од рурални средини или тешко вработлива жена, жена политичарка, работничка или домаќинка. Индивидуален пристап е потребен кон секој проблем и кон секоја група поради нејзините специфики, рече министерката.
Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице” за денеска во Скопје е најавен шестиот Марш за женски права. На него, како што велат организаторите, заеднички ќе се упати порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права.