Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според сведоштвото на Никола Војминовски за случајот со „крвавиот четврток“, планот за отворање на собраниските врати лани на 27 април се кроел неколку дена порано.
Сведокот Никола Војминовски кој е осуден на тринаесет и пол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијаден Села, денеска во судница посочи дека присуствувал на разговор помеѓу обвинетиот пратеник на ВМРО – ДПМНЕ, Љубен Арнаудов и поранешниот министер за внатрешни Оливер Андонов. Средбата била ден пред пред крвавиот упад во Парламентот.
„Имав средба со Љубен Арнаудов пред Собранието. Арнаудов беше потпрен на оградата. Беше и Оливер Андонов и други лица. Имаше разговор помеѓу Арнаудов и Андонов дека единствено решение на ситуацијата е да се отворат вратите од Собранието и толпата да влезе внатре. Тоа и се случи, а претседателот Иванов да прогласи воена состојба и дека ќе бидат уапсени неколку лица“, рече Никола Војминовски, Сведок на Обвинителството.
Но, одбраната проба да го дискридитира овој исказ на Војминовски поради тежината на кривичното дело за кое е осуден. Судот посочи дека во овој процес има улога на сведок без разлика за што претходно одговарал. Војминовски, како граѓанин, присуствувал на протестите на 27 април. Повикот да влезе во Собранието, рече дека лично по телефон ја добил од обвинетиот пратеник на ВМРО – ДПМНЕ, Љубен Арнаудов, со кого се познавале.
„Каде сте, што правите? Ајде влегувајте – ми рече Арнаудов…“, додава Војминовски.
Војминовски во сведочењето посочи дека во Собранието ноќта на 27 – ми април имало и припадници на тајната полиција, но и членови на обезбедувањето на екс-премиерот Никола Груевски. Пред Војминовски, сведочеше Лукман Селими, припадник на Единицата за брзо распоредување. Собраниската заграда ја бранел со уште 24 колеги. Во еден момент од толпата чул извици – Доаѓаат маските! – по што почнале да влегуваат лица со фантомки.
„Луѓето со маски беа тетовирани и многу силни. Ни викаа, колеги сме. Еден со маска на главата викна по толпата – дојдете со мене таму се пратениците. Ја крена фантомката за да видат кој е и толпата тргна по него“, рече Лукман Селими, Сведок на Обвинителството.
За крвавиот 27 – ми април обвинети се 33 лица. Судењето продолжува следниот вторник.
Извор: Алсат-М