Сведоштво на Протоѓер во „Плацеви на Водно“: Груевски еднаш ми кажа дека купил некој плац од 10.000 квадрати на Водно


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Бившиот шеф на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протоѓер, воедно и негов некогашен најблизок соработник, во неговото сведочење во рамки на судското рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ ја потврди тезата на обвинителката Лиле Стефанова сведочејќи дека Груевски лично му кажал оти купил плац од 10.000 квадрати.

Со тоа паднаа во вода статусите на Фејсбук на избеганиот Груевски од Будимпешта, во кои тврди дека никогаш не купил плацеви на Водно, дека „новинари блиски до власта“ и заедно со неа учествуваат во политички прогон против него.

Тој упорно тврди дека плацевите се на Александар Ивановски (Алек Теранова), од кого потоа ги купиле Орце Камчев и семејството и не кажува дека биле за него, купени со испрани пари од членството на ВМРО-ДПМНЕ, преку фирма – мајка „Сирах лимитед“ од Белизе.

„Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше“, кажа Протуѓер, чија изјава ја пренесе „Фокус“.

По сведочењето во предметот „Талир“ каде ексдиректорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски прв спомна за сеф со пари во пачки што го видел кај генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, денеска на судењето „Плацеви на Груевски“ сведокот Гордана Јанкулоска кажа дека такви сефови со пари од членарини и спозорства Груевски имал уште кога таа била генсек.

Јанкулоска рече дека Груевски лично ги договарал донациите и дека донаторите понекогаш парите му ги давале директно на него.

„Во овој период ВМРО-ДПМНЕ за цело време имаше блокирана сметка, меѓутоа тековното работење на партијата, и покрај сите тешкотии, некако функционираше на база на донации кои на доброволна основа ги даваа физички лица. Донаторите беа прилично воздржани околу нивните релации со партијата бидејќи не секој сака јавно да биде близок до партија во опозиција. Секогаш лицата сакаа да се видат со претседателот, тој во тоа време, како и сега, е најголем авторитет. Тој ги договараше начинот и условите како тоа да се реализира. Се случуваше претседателот на партијата понекогаш да ме повика, да ме извести дека тој и тој сака да ѝ помогне на партијата со толкав и толкав износ. Можело да се случи истиот ден да донира или по неколку дена“ – рече Јанкулоска.

Таа нагласи дека тогаш законската регулатива била полабава, односно се водела неформална евиденција, а на некои донатори им се давале и каса прими. Таа рече дека имала сознанија и евиденција за тоа колку пари ќе ѝ се предадат, а дали се разговарало за повеќе или помалку пари не знаела.

Јанкулоска рече дека во нејзината канцеларија во партијата имало два сефа. Во едниот се чувале пари за дневно функционирање на партијата, а од другиот немала клуч, ниту ја знаела шифрата.

„Да, имаше два сефа, од кои едниот беше голем и еден мал како каса. Во малиот се чуваа мали износи, тие што се користеа на дневна основа. Другиот, барем додека јас бев на функција, ниту бил отворан ниту сум знаела шифра. Тој малиот беше со шифра и клуч, се отвораше по потреба“ – рече таа.

Сефовите во партијата, кои се полнеле од уплатени членарини и од спонзорства, а кои биле и во канцеларијата на Јанкулоска, биле високи 1,5 метри.

Денеска се појави и Чинговски, со речиси истото сведочење од „Талир“, во делот на сефовите со пари во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Патем, и Протоѓер кажа за сефовите, со кои ја делел канцеларијата од 2008 година натака, додека бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие сведоци се на обвинителката Стефанова, која денеска докажуваше дека парите од членарините и од спонзорствата се чувале во ВМРО-ДПМНЕ, а главните нивни чувари биле генералните секретари, негови најблиски соработници.

Овој судски процес е за плацевите што ги купил поранешниот премиер Никола Груевски на Водно, неурбанизирани за 1,2 милиони евра, со пари за кои е обвинет дека ги украл токму од членарините на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ што мислеле дека даваат за партијата.

Тие пари од членовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа Груевски, според обвинението, ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, кумот на Груевски Ристо Новачевски, адвокатот на Орце Ненад Јосифовиќ и мајката Ратка Куновска – Камчева.