Сведоштво на преживеан патник: Пред да излетаме, се слушна тропање – возачот проба да држи правец


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во сведоштво за телевизија „Клан“, еден од преживеаните патници од автобуската несреќа која ја потресе цела Македонија, но и Балканот, опишува дека пред да се случи несреќата почувствувал дека нешто се случува и отишол кај возачот од автобусот. Патникот изјавил дека првично слушнал врева внатре во автобусот и потоа шоферот ја изгубил контролата и излетале од патот, пренесува Нова ТВ.

„Во 16:15 часот излегов од работа од Mинистерство за економија и околу 16 и 30 тргнавме од станицата кај Симпо во Карпош и тргнавме на пат. Се сеќавам дека бев седнат на третото седиште не од страната на возачот, туку од другата страна. Нешто почна да тропа и забележав дека нешто не е во ред. Станав и си помислив да не заспал возачот или нешто друго се случува. Го видов возачот, беше стегнат зад воланот и се потрудив да скокнам кај него, да му помогнам да го држи правецот, но во тој момент го изгуби правецот и помина на другата лента, на правецот Тетово – Скопје. За среќа немаше други возила на другата лента и само се стегав за седиштето. Само го паметам моментот кога автобусот се судри со асфалтот и кога застана излегов преку прозорот. Имам повреда само на едната рака“ изјави Бејтула Нухиу за телевизија Клан.

Од Обвинителството соопштија дека увидот на местото на несреќата е завршен и дека автобусот е кренат од местото на несреќата и по наредба на јавниот обвинител врз него ќе се врши детално техничко вештачење од страна на Mашинскиот факултет во Скопје. Првите проверки за исправноста на возилото покажуваат дека автобусот бил набавен во 2001 година, а последен пат бил регистриран во јануари 2019 година.

Од компанијата „Дурмо турс“ од Гостивар во чија сопственост е автобусот ќе биде побарана целокупната документација за дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот кој сообраќал на релацијата Скопје-Тетово, како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот на критичниот ден.

Веднаш по несреќата јавен обвинител имал првичен разговор со возачот и тој не дал релевантни податоци за целиот настан.

Анализата на примероци на крв и урина покажала дека во моментот на несреќата кај возачот не е регистрирано присуство на алкохол, лекови или психотропни супстанции. Со барање на листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува дали возачот во моментот на несреќата користел мобилен телефон – велат од Обвинителството.