Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Велешанката Павлинка Илоска Пале вчера сведочеше пред Основниот суд во Велес и во своето сведоштво изјави дека се бранела од нејзиниот невенчан сопруг, полицаецот Александар Ристовски (40) раскажувајќи дека тој ја влечел и ја тепал, а таа го молела да ја остави, но тој продолжи.
За ножот со кој го убила раскажа дека го зела и замавнала по него незнаејќи ни што држи во рацете, само за да се одбрани. На судиите во Основниот суд во Велес им нагласи дека се борела за живот и дека ако не се одбранела, тогаш тој ќе ја убиел неа.
Илоска (23) се товари за кривично дело Убиство сторено на миг. За разлика од класичното убиство каде пропишаната затворска казна е од 5 години до доживотна, во Убиство на миг, максималната е 5 години.
За денеска во 13 часот во Основниот суд во Велес е закажана пресуда за овој случај.
„Се каам и жалам за стореното, но тоа беше борба за живот, ако не беше тој, јас ќе бев мртва. Кога почна да ме дави јас претав со нозе, со раце, немав сила да му се спротивставам. Се вративме од гости околу полноќ, тој пиеше, јас утрината бев работа и сакав да спијам. Побара од мене да сум направела есап колку пари сме потрошиле, а јас од желба за сон сум заспала. Тој во таква состојба се нафрли врз мене. Бев како фудбалска топка, ме шутираше со нозе. Па ме фати за врат, му реков немој Александар ќе ме удавиш, се уплашив. Почнав да губам свест, гледав само некоја светлина, немав воздух да дишам. И во таа борба за живот кога стивнавме до кујната фатив некој предмет, не знаев што е, само сакав да го удрам да ме ослободи. Почувствував дека наеднаш губи сила и ме ослободи. Видов дека има нож во градите”, ги раскажа кошмарните моменти обвинетата, а ги пренесе СДК.мк.
Павлинка и покрај сè неколку пати повтори дека го сакала Александар.
„Се надевав дека ќе се промени, му давав шанси, оти го сакав. Кога не беше пијан тој беше многу добар човек”, додаде Илоска. Сведочењето беше мачно и во тажна атмосфера, а обвинетата неколку пати мораше да биде прекината поради силните емоции и солзите.
Убиениот беше полицаец во СВР Велес, во два наврати е условно осуден за две кривични дела во велешкиот Основен суд, еднаш оти прегазил шестмина тинејџери и еднаш оти давел жена.
Кај починатиот бил пронајден алкохол во крвта кое тие го окарактеризираа ако средно пијанство кое било во фаза на елиминација. Бранителот на обвинетата, адвокат Димитар Петрулев кажа дека тоа во бројки се 1,6 промил алкохол во крвта и 1,9 во урината.
„Делото е сторено во нужна добрана, во гладијаторска борба за живот”, дополни Петрулев.
Во завршниот збор обвинителката Анастасија Миланова побара поблага казна за обвинетата.
„Судот во голема мерка да ги цени олеснителните околности во однос на потешките”, кажа Миланова.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права реагираат и велат дека со оглед на изнесените докази на главната расправа, очекувањата им се дека судот по службена должност да го преквалификува делото во ,,нужна одбрана”.
„Од она што беше презентирано во судницата, оценуваме дека огромна одговорност во овој случај сноси СВР Велес. Сведочењата потврдија дека починатиот во многу наврати бил пријавуван за насилство кон партнерката со која живеел, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. Инаку, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кои беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Сето ова буди основан сомнеж дека полицијата се ставила во заштита на својот насилен колега и со своето непостапување против него, придонела за трагичниот тек и исход на настаните. Со оглед дека непостапувањето на надлежните органи е една од главните системски слабости во справувањето со семејното и родово базираното насилство“, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе инсистира на одговорност од инволвираните полициски службеници.
Убиството се случи на 29 септември лани во куќата каде Иловска невенчано живеела со полицаецот Александар Ристовски. Тој започнал кавга нарекувајќи ја со погрдни зборови, Илоска легнала да спие во спалната, но тој ја фатил за пижамата и ја влечел до кујната. Ја удирал со тупаници и со клоци по главата и по телото. Силно ја фатил со раце за вратот и ја давел.
Девојката го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и го пробола директно во срцето. Убодот бил смртоносен.