Сведочење на Урко набавката на фамозниот Мерцедес: Јас барав да купиме ново возило


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бившиот шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, Дејан Митревски Урко, сведочеше во рамки на судското рочиште за случајот „Тенк“ кој СЈО го води во врска со наводната нелегална набавка на Мерцедесот од 600.000 евра.

Урко, кој како што кажа пред Судот, се уште е вработен во МВР, рече дека сите делови на старото блиндирано возило биле речиси неупотребливи, почнувајќи од ветробранското стакло, кое како што рече „правело диоптрија“, поради што нему му се оштетил видот, потоа гумите, цревата, температурата, до хидрауликата на воланот.

Митревски сведочеше дека тој го убедувал Груевски да набават ново возило, но како што рече, Груевски тоа не го сакал, по што инсистирал да ја сменат барем шофершајбната. Кога прашале колку чини им одговориле 20.000 евра и Груевски рекол дека е многу пари и не ја смениле. Тој рече дека притисок за ново возило најмногу направил кога во една ситуација враќајќи се накај вилата на Водно, им откажала хидрауликата на воланот, ќе удрело во две столбчиња, шоферот едвај го исправил возилото за да не се направи поголем проблем.

– Јас му помогнав, со левата рака го влечев воланот за да не удри во столбче. Спроти тоа имаше детска градинка и да не помислиме што ќе случеше таму да имаше деца – рече поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски.

Во целото сведочење, Митревски нагласуваше дека старото возило не било за употреба и дека премиер на една земја дури одбил да се вози во него, поради што донел свое возило, оценувајќи дека тоа било „срам за државата“.

Во случајот „Тенк“ на СЈО, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Пред две рочишта Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради „ризична бременост“.

Извор: Нова ТВ